
ВИДЕО | Бојчев: „Дипфејк“ – најголем проблем во борбата против дезинформациите
Алатката „дипфејк“ се појави како најголем предизвик во борбата против ширењето на дезинформации на социјалните мрежи. Иако навидум изгледа како интересна апликација, нејзината злоупотреба често служи за нарушување на нечив имиџ.
Препорачано
Со оваа алатка, секој пред камера може да личи на кого ќе посака. „Дипфејкот“ едноставно го скенира вашето лице и ги споредува цртите со личноста чие лице сакате да се појави место вашето.
Оваа алатка не е нова ниту непозната. Ваквите манипулации најпрво се појавуваат кај фотографиите, уште во 19. век. Со развојот на технологијата, нивната злоупотреба се проширува и кај видеата.
Иако во филмската индустрија се гледа како корисен, „дипфејкот“ во медиумите и на социјалните мрежи со години претставува сериозен проблем во борбата против лажните вести.
Злоупотребата најмногу присутна во политиката
Најголемата примена на „дипфејк“ е за да се вадат од контекст изјавите на политичарите. Медиумите низ светот многу често знаат да наседнат на ваквите лажни снимки или фотографии, кои најпрво стануваат вирални на социјалните мрежи како „Твитер“ и „ТикТок“.
И самите социјални мрежи со години се мачат да се справат со оваа појава.
Војната во Украина на еден начин дополнително го зголеми ширењето на ваквите снимки. Творците на овие снимки често знаат да манипулираат со различни изјави на руските или украинските функционери.
Една таква снимка од украинскиот претседател Володомир Зеленски, каде тој наводно им кажува на украинските војници да се предадат, брзо се прошири на социјалните мрежи, а извесни медиуми „паднаа“ на овој потег, па ја објавија снимката како вистинита.
Изборните кампањи исто така се настани во кои овој феномен знае да доминира. Дезинформациите на изборите во САД во 2018 година беа во голема мера меѓу главните теми кои потоа се коментираа во американските медиуми.
Имитирање на гласот
Прашање кое можеби најмногу ги интересира оние кои не се запознаени со овој случај, е тоа како гласот се пренесува на овие видеа, и како тоа останува неприметено во „дипфејк“ содржините.
Креаторите на овие снимки се толку вешти и умешни што гласот толку точно и прецизно го монтираат за да звучи токму како личноста која се злоупотребува. Технологијата е стигната до тоа ниво што нечив глас може перфектно да се имитира во програма за само неколку секунди. Таква алатка има и „Микрософт“.
Со имитирањето на гласот, ваквите содржини изгледаат уште толку вистинити, па затоа е уште полесно луѓето да поверуваат на нив.
Познатите личности на порнографските страници
Познатите личности исто така се наоѓаат како честа мета на „дипфејкот“. На веб-страниците полни со порнографски содржини често се појавуваат снимки од познатите личности (актери,музичари, спортисти).
Така, на пример, на социјалната мрежа „ТикТок“ неодамна се појавија експлицитни снимки од познатата американска пејачка Били Ајлиш, кои потоа беа избришани.
Во Британија се појавија и информации каде многу млади девојки биле жртви на „дипфејк“, односно нивните лица се користеле во многу експлицитни снимки од страна на нивни соученици кои сакале да им наштетат.
Како се справуваат државите со ова?
Голем број земји низ светот веќе со години се борат против „дипфејк“ содржините.
На пример, Англија и Велс ги забранија порнографските „дипфејк“ содржини, а тамошните власти ќе ги казнуваат таквите нелегални содржини со големи суми.
Во претходниов период и Кина реши посериозно да поработи на овој проблем. Пекинг деновиве ги објави првите „анти-дипфејк“ закони. Нивната цел е да се спречи злоупотребата на оваа технологија додека земјата се прилагодува на брзиот развој на индустријата за вештачка интелигенција.
Отсега, исто како и рекламите во Кина, луѓето ќе може да видат мала етикета во долниот дел на овие видеа и слики, што ќе им даде до знаење на гледачите дека тоа не е вистинска содржина.
Во 2020 година, Европската унија ја објави „Белата книга за вештачка интелигенција“, предлагајќи серија мерки за истражување и развој на вештачката интелигенција и нејзин надзор.
Најзагрижувачки околу сето ова е фактот што „дипфејкот“ допрва ќе се проширува и изградува. Со напредокот на технологијата и вештачката интелигенција, креаторите на овие содржини ќе располагаат со многу помоќни средства и алатки во креирањето на тие содржини.
Борбата против ширењето на лажните вести останува еден од најголемите проблеми на модерните демократии, чие решение засега сѐ уште не е пронајдено.