
ВИДЕО АНКЕТА: Редици на ФИНКИ за упис, студентите велат дека само во тоа гледаат иднина
На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство денес илијадници деца чекаа на ред за упис во новата студентска 2023/2024 година.
„Слободен печат“ ги праша идните студенти зошто го одбраа токму ФИНКИ за студии, а информатиката за своја идна професија. Одговорите беа едногласни, само таму ја гледаат иднината.
Препорачано
– Во нашата држава просперит за нешто друго нема. Затоа го одбрав овој факултет- вели една потенцијална бруцошка.
Друга објаснува дека отсекогаш сакала да ја работи оваа професија.
– Од мали нозе сум на комјутер, имам амбиции најмногу за овде- вели таа. Скоро никој не верува дека ќе влезе во државната квота, но и да не влезат, спремни се да платат и за приватна квота.
На 23-те факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска и утре се официјалните датуми од првиот рок за пријавување кандидати за упис во прва година.
Според Конкурсот на УКИМ, за студиската 2023/2024 година слободни се 10.473 места, од кои 5.074 за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 4.439 за редовни со кофинансирање на студиите и 960 за вонредни студенти, а може да се запишат и странски студенти за кои има или утврдено број или процент од вкупниот број запишани студенти на одредена студиска програма.
Со над илјада слободни места за повеќе студиски програми и годинава се Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство/ФИНКИ (1.150), Природно-математичкиот факултет (1.050) и Правниот факултет (1.055). Филозофскиот факултет располага со 915 слободни места за бруцоши, Филолошкиот факултет – 775, Медицинскиот – 760, Економскиот факултет – 700, Машинскиот – 600, Факултетот за електротехника и информациски технологии/ФЕИТ – 570…
Погледнете ја целата анкета на „Слободен печат“ на колешката Агнеса Чаволи.
Наскоро ќе објавиме анкета и од Факултетот за земјоделство и храна во состав на УКИМ каде е помал интересот за упис