ВИДЕО | Андоновиќ: Русите од Придњестровје бараат заштита од Путин

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Проруските бунтовници во сепаратистичкиот дел на Молдавија побараа од претседателот Владимир Путин да го заштити нивниот регион од, како што велат, заканите од молдавската влада. Придњестровје, кое незаконски се отцепи од Молдавија со распадот на Советскиот Сојуз, останува цврсто во интересната сфера на Москва, додека Молдавија, која се граничи со Украина, се стреми да се приклучи на Европската унија.

На специјалниот конгрес одржан вчера, политичарите во Придњестровје побараа од Москва да ги заштити од „зголемениот притисок од владата на Молдавија“, а Кремљ подоцна објави дека заштитата на своите „сонародници“ е приоритет, објави рускиот државен медиум РИА Новости.

Иако конгресот првично искажа стравувања дека Москва би можела да продолжи со својот долгогодишен план за дестабилизација на сè попрозападната влада на Молдавија, Молдавија тоа го отфрли како „пропаганда“.

Состаноците на Претставничкиот конгрес на Придњестровје, модел на одлучување наследен од советската ера, се ретки, но често значајни и одлучувачки. Конгресот на пратениците го формираше Придњестровје во 1990 година, а само по две години, како резултат на ова формирање беше предизвикана војна меѓу сепаратистите поддржани од Москва и новата независна молдавска република.

Ниту една земја во светот официјално не ја признава независноста на Придњестровје, каде Русија со децении одржува воено присуство со околу 1.500 војници.

Последниот состанок на Конгресот беше одржан во 2006 година, кога беше усвоен референдумот за приклучување кон Русија. Кога политичарите од Придњестровје неочекувано најавија нов состанок, аналитичарите сугерираа дека тоа може да доведе до нови повици за обединување со Русија.

Од друга страна и молдавските и украинските власти ги омаловажија шпекулациите и не му придадоа внимание на овој настан.

Од друга страна Конгресот вчера донесе резолуција со која се повикува Русија да обезбеди поголема „заштита“ на повеќе од 220.000 руски граѓани во Придњестровје од молдавските власти.

Придњестровје упорно ќе се бори за својот идентитет, правата и интересите на народот на Придњестровје и нема да се откаже од нивната заштита и покрај какви било уцени или надворешен притисок“, се наведува во резолуцијата, чиј текст го пренесе рускиот државен медиум ТАСС.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека „заштитата на интересите на жителите на Придњестровје, нашите сонародници, е еден од приоритетите“.

Молдавските власти го отфрлија конгресот како обид за поттикнување „хистерија“.

„Нема опасност од ескалација и дестабилизација на ситуацијата во овој регион од нашата земја“, напиша на Телеграм портпаролот Даниел Вода. „Она што се случува во Тираспол [главниот град на регионот] е пропаганден настан“, наведува тој.

Во изјава за Си-Ен-Ен, молдавската канцеларија за реинтеграција соопшти дека „ги отфрла пропагандистичките изјави на Тираспол и потсетува дека регионот на Придњестровје има корист од политиката на мир, безбедност и економска интеграција со ЕУ, што е од корист за сите граѓани“.

Во меѓувреме, портпаролот на американскиот Стејт департмент Мет Милер изјави дека Соединетите Држави „многу внимателно ги следат руските акции во Придњестровје и поширокиот регион околу границата со Украина.

Руската војна во Украина имаше големо влијание врз економијата на Придњестровје. Украина ја затвори границата со Придњестровје кога започна војната, прекинувајќи ја околу една четвртина од трговијата во енклавата. Иако сè уште добива руски гас бесплатно, договорот за овозможување транзит на гас преку Украина истекува во декември и нема гаранција дека договорот ќе биде продолжен.

Војната, исто така, ја поттикна Молдавија да се обиде да го реши својот повеќедецениски конфликт со Придњестровје.

Како дел од обидите да се реши конфликтот со Придњестровје, во 2022 година ЕУ ѝ додели на Молдавија кандидатски статус а минатата година даде зелено светло за почеток на пристапните преговори.

Додека молдавската претседателка Маја Санду посочи дека би била подготвена да се приклучи на ЕУ без Придњестровје, повторното обединување може да го поедностави процесот. Еден неодамнешен блог за Фондацијата Карнеги за меѓународен мир тврди дека „стратегијата на Молдавија е да го забрза процесот со тоа што ќе го отежни животот колку што е можно“ за регионот.

Во врска со ова, во јануари Молдавија неочекувано ги откажа царинските концесии за придњестровските компании, принудувајќи ги да плаќаат давачки и на Приднестровје и на Молдавија.

Експертите тврдат дека повторното воведување на тарифите во Молдавија, е главната причина што Конгресот на Придњестровје по повеќе од 18 години одржа итен состанок

Многумина сметаат дека доколку руската инвазија на Украина се одвиваше според планот, таа ќе го зазедеше главниот град Киев за неколку дена, а остатокот од земјата за неколку недели, така проширувајќи се преку украинскиот брег до југозападниот град Одеса во близина на Придњестровје.

Руската воена команда тогаш соопшти дека една од целите на таканаречената „специјална воена операција“ е да се воспостави коридор низ јужна Украина до Придњестровје додека Русија се обидува повторно да се обедини со своите „сонародници во странство“.

Иако Украина го запре напредувањето на Москва во близина на Херсон, на околу 350 километри од Придњестровје, аналитичарите нагласија дека Русија и натаму активно работи за реализирање на своите планови кон Молдавија.

„Кремљ се обидува да го искористи Приднестровје како застапник под контрола на Русија, кој може да го искористи за да го попречи процесот на пристапување на Молдавија во ЕУ, се предупредува во извештајот на американскиот Институт за проучување на војната.

Исто како што Русија го сметаше за неприфатливо свртувањето на Украина кон ЕУ во 2014 година – и употреби воена сила за да го спречи тоа – властите во Москва сакаат да го спречат истото и во Молдавија.

Минатата година Си-Ен-Ен имаше пристап до документот составен од руската безбедносна служба, ФСБ, во кој е опишан планот за дестабилизација на Молдавија и спречување на нејзината наклонетост кон Запад.

Путин ја оправдува руската анексија на Крим во 2014 година и воените операции во Доњецк и Луганск како обид да се заштитат граѓаните кои зборуваат руски во источна Украина, за кои тврдеше дека се под закана од Киев.

Сега западните воени аналитичари гледаат „силни паралели“ меѓу таа реторика и онаа што неодамна ја употреби владата на Придњестровје. Во интервју за РИА Новости, претседателот на отцепениот регион Придњестровје, Вадим Краноселски излезе со тврдење дека молдавската влада се подготвувале да извршат терористички напади врз Придњестровје пред можната инвазија, без притоа да посочи докази за ова негово тврдење.

Сепак, други аналитичари тврдат дека ситуацијата во Придњестровје, наместо да го потенцира влијанието на Русија во регионот, е доказ за тоа како Москва досега не ги постигнала своите клучни воени цели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот