ВИДЕО | Андоновиќ: По оставката на министерот Бени Ганц, се продлабочуваат поделбите на израелската политичка сцена

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Оставката на израелскиот министер без ресор и член на воениот кабинет, формиран по почетокот на војната во Појасот Газа, Бени Ганц, ги продлабочи конфликтите кои долго време постојат во рамките на владата во Тел Авив.

Ганц објасни дека одлуката ја донел со тешко срце и директно го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека го спречил Израел да се доближи до вистинска победа во војната против палестинската група Хамас во Газа. Истовремено, тој го повика шефот на израелската влада да распише нови предвремени избори и да го одреди нивниот датум.

– За да се обезбеди вистинска победа, би било соодветно да се одржат нови избори наесен, една година по катастрофата, што може да доведе до формирање влада која ќе ја има довербата на народот и ќе може да се соочи со предизвици – посочи Ганц, кој заедно со Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант беше дел од тричлениот воен кабинет

Лидерот на опозициската центристичка партија Национална унија пред еден месец најави дека ќе поднесе оставка доколку до 8 јуни израелскиот премиер не претстави како планира да ги постигне своите шест стратешки цели по завршувањето на војната во Газа, вклучувајќи го и крајот на владеењето на Хамас во енклавата и воспоставување мултинационална цивилна администрација за таа територија. Нетанјаху потоа го отфрли барањето на Ганц, посочувајќи дека тоа ќе значи пораз за Израел.

Ганц на прес-конференцијата најави и дека се повлекува од својата партија.

– Реалноста со која се соочува Израел не е едноставна и воената кампања ќе трае со години – предупреди Ганц. – Нема да ви ветам лесна и брза победа. Но, народот на Израел заслужува повеќе од празни ветувања.

Нетанјаху, пак, го повика Ганц да не поднесе оставка и да се врати во кабинетот.

– Не е време за откажување, туку за здружување на силите. Граѓани на Израел, ќе продолжиме до победата и да се постигнат сите цели на војната, најважното ослободување на сите наши заложници и елиминација на Хамас – рече Нетанјаху на „Икс“.

Одлуката на Ганц ја поздрави неговиот опозициски колега Јаир Лапид, кој ја оцени како „важна и исправна“. Веднаш по неговата објава, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир побарал функција во воениот кабинет, објави Би-Би-Си. Патем, Бен-Гвир е дел од десничарската коалиција која се закани дека ќе поднесе оставка и ќе ја собори владата доколку Израел го прифати предлогот за прекин на огнот на американскиот претседател Џозеф Бајден. Сепак, оставката на Ганц нема да ја разниша позицијата на Нетанјаху во владата, бидејќи неговата коалиција сè уште има мнозинство од 64 места во парламентот.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Израел разговара со водечките претставници на израелската опозиција во рамките на неговата турнеја на Блискиот Исток, чија цел е да го брани планот за примирје во Појасот Газа поддржан од Советот за безбедност на ОН, а изготвен и предложен со американска резолуција што го поддржува последниот предлог на Израел за прекин на огнот и ослободување на заложниците, и го повикува палестинскиот Хамас да ја прифати понудата.

Израел минатата недела го изрази своето противење на резолуцијата, изразувајќи незадоволство од некои од амандманите направени на текстот, објави Тајмс оф Израел.

Палестинската исламистичка група Хамас, нејзиниот сојузник – групата Исламски џихад – и нивниот ривал Палестинската управа на претседателот Махмуд Абас ја поздравија резолуцијата усвоена од СБ на ОН со која се поддржува предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа.

Во соопштението Хамас објави дека е подготвен да соработува со посредниците за спроведување на принципите содржани во планот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот