ВИДЕО | Андоновиќ: Планот на Русија за промена на поморските граници во Балтичкото Море ja загрижи Европа

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Планот на Русија да ги ревидира своите поморски граници во Балтичкото Море предизвика загриженост кај нејзините европски соседи, откако руското Министерство за одбрана во вторникот објави иницијатива за „одредување географски координати“ во Балтичкото Море, бидејќи „поранешните советски граници се непрецизни“.

Според документот, кој оттогаш исчезна од веб-страницата на министерството без објаснување и со напомена дека „нацртот е избришан“, станува збор за промена на границите во близина на руските острови во Финскиот залив и другите острови спроти крајбрежните градови на Балтијск и Зеленоградск во руската енклава Калининград која граничи со Полска и Литванија, пренесува Хина повикувајќи се на Ројтерс.

Координатите од советската ера не дозволуваат континуирана гранична линија, појаснува Министерството за одбрана во документот.

Министерството, исто така, истакна дека претходните советски мерења на границата од 1985 година користеле наутички карти од средината на 20 век и затоа не соодветствуваат целосно на помодерните картографски координати.

Литванија веднаш реагираше дека тоа е „уште еден доказ дека руската агресивна и ревизионистичка политика претставува закана за безбедноста на соседните земји и на Европа во целина“.

Литванското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за „намерна, насочена и ескалирачка провокација“ чија цел е заплашување на соседните земји. Литванија, додаваат од Министерството, ќе го покани рускиот амбасадор на разговор и ќе разговара за документот со своите партнери.

Финскиот претседател Александар Стуб на социјалната мрежа Х напиша дека „Русија не контактирала со Финска за ова прашање“.

„Финска се однесува како и секогаш: мирна и базирана на факти“, изјави Стуб.

Шведската влада предупредува на територијалните претензии на Москва во Балтичкото Море, особено кога станува збор за големиот шведски остров Готланд.

„Сигурен сум дека Путин го посакува Готланд. Неговата цел е да ја преземе контролата врз Балтичкото Море“, изјави главниот командат на шведската армија.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави за новинската агенција ТТ: „Русија не може еднострано да одлучува за нови граници“.

Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна рече: „На прв поглед изгледа како апсурдна идеја“.

Германската влада објави дека ги забележала медиумските извештаи за рускиот предлог за промена на границата во Балтичкото Море, но дека сè уште не е јасно што би значело тоа.

„Се разбира, внимателно ја следиме ситуацијата“, рече владиниот портпарол и додаде дека според меѓународното право, пред промена на која било граница, потребен е консензус од сите соседни држави на кои би се однесувала промената.

Како што јави ДПА, руските новински агенции јавија дека воени извори негираат дека оваа иницијатива е обид за проширување на руската територија.

Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков рече дека иницијативата нема политичка позадина.

Барањето за ревидирање на границите на Балтикот, доаѓаат како резултат на променетиот статус на Финска и Шведска, кои од неодамна се земји членки на НАТО.

Претходните граници беа поставени како резултат на неутралноста на овие две држави, но со нивниот влез во НАТО, и пред сè конфронтацијата со алијансата која е на раб од војна, Москва започна со обид да постави нова линија на разграничување со цел да ја анулира моменталната стратешка предност, која алијансата со пристапувањето на Шведска и Финска се здоби на Балтикот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот