ВИДЕО | Андоновиќ: Нетанјаху во политичка изолација и губење поддршка од САД

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Се погласни се оценките дека најголемиот сојузник на Израел САД, полека го „пушта низ вода“, кабинетот на премиерот Нетанјаху во настојувањата по секоја цена да ја продолжи копнената операција против Хамас на палестинските територии.

Израелските весници „Хаарец“ и „Једиот Ахронот“ пишуваат за воздржувањето на Соединетите Држави да го искористат своето вето против резолуцијата на Советот за безбедност со која се бара итен прекин на огнот во Газа.

Хаарец смета дека ова е нов неуспех на политиката на премиерот Бенјамин Нетанјаху, а Једиот Ахронот дека американскиот претседател Џо Бајден со тој чин го оставил Израел без поддршка, бидејќи одлуката за воздржаност му користи само на Хамас.

Во серијата критики доминира секако дипломатскиот неуспех на владата на Нетанјаху за која се вели дека израелскиот премиер успеал од најблискиот сојузник и заштитник на Израел во странство, кој дал се од себе да биде на негова страна од самиот почеток на војната, да го претвори во воздржана страна.

„Хаарец“ во својот уводник напиша дека Нетанјаху на списокот на неговите „славни неуспеси“ ја додаде дипломатската криза со најблискиот сојузник и заштитник на Израел во странство, кој дал се од себе да биде на негова страна од самиот почеток на војната.

Наместо да го признае својот неуспех, да го промени односот кон Вашингтон, да им се извини на Израелците за неволјата што им ја предизвика и да поднесе оставка, Нетанјаху одлучи да продолжи да ги осудува и провоцира Американците, пишува Хаарец.

Без никаква скромност, Нетанјаху ја откажа планираната делегација во Вашингтон и ја обвини Америка дека ја напуштила „цврстата американска позиција“ и со тоа „наштетила на воените напори“. Неговата канцеларија го обвини Вашингтон дека ги поткопува напорите за ослободување на заложниците и го поддржува Хамас, со други зборови: „Тој ги обвини Американците дека го поддржуваат тероризмот“, пишува Хаарец.

Во меѓувреме Нетанјаху најави дека војната на Израел против Хамас продолжува со или без САД.

Во Вашингтон не ја кријат својата огорченост. Американските власти планираа да и понудат на израелската делегација голем број алтернативни опции за напад на Хамас во градот Рафах во јужниот дел на Газа, надевајќи се дека ќе го избегнат она што САД сметаат дека ќе биде хуманитарна катастрофа доколку Израел ја започне најавената копнена инвазија. Во САД повиците за прекин на борбите ги преминаа политичките граници.

Дури и поранешниот претседател Доналд Трамп изјави во интервју за време на викендот дека е време Израел да ја „заврши својата војна“ и „да постигне мир“. Но, Бајден се најде во деликатна позиција. Доколку израелскиот премиер ги отфрли алтернативите на неговиот тим, како што навести Нетанјаху, дури и пред прекинот на состаноците оваа недела, Бајден би можел јавно да ги искаже своите фрустрации и потенцијално да ја поткопа она што беше силна американска поддршка за Израел.

Притисокот е зголемен бидејќи Рамазан завршува за околу две недели. Американците отворено им укажаа на Израелците дека толку многу цивили во енклавата едноставно немаат каде да одат сега кога голем дел од Газа е уништен и стана непогоден за живеење од израелските бомбардирања. И ако постои израелски план за цивили, никој од претставниците на Белата куќа сè уште не го видел. „Ги погледнав мапите, ги проучував мапите, но овие луѓе немаат каде да одат“, рече потпретседателката Камала Харис кон крајот на минатата недела.

Од друга страна Израел вчера соопшти дека израелската делегација ја напуштила Доха и го обвини Хамас за пропаѓањето на преговорите за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците.

Претставниците на Хамас пак, очигледно сакајќи да ја искористат оваа ситуација продолжуваат со своите барања.Првин повлекување на Израел од појасот Газа па потоа преговори за заложниците, нешто што никако не е прифатливо за кабинетот на Нетанјаху.

Покрај воениот и дипломатскиот владата на Нетанјаху се соочува и со притисок од семејствата на киднапираните кои протестираа во Тел Авив барајќи нивно ослободување од израелскиот премиер. Неколку демонстранти беа уапсени поради блокирање на автопатот, меѓу кои и неколку членови на семејството на киднапираните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот