ВИДЕО | Андоновиќ: Најава за нова офанзива? И Русија и Украина започнаа мобилизација

Анализа со Дејан Андоновиќ / Фото Слободен печат

Калкулациите,и на Киев и на Москва се идентични, па рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет за мобилизација на речиси 150.000 руски државјани, а украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша нацрт-закон за намалување на старосната граница за воена мобилизација од 27 на 25 години

Војната во Украина која влезе во третата година, очекувано ги исцрпи сите воени ресурси, вклучувајќи го и оној најдефицитарниот и најчувствителнот, живата сила, односно војниците. И покрај бројките кои двете завојувани страни дозирано ги објавуваат, загубите во човечки животи се големи. Но, освен големиот број на жртви и ранети, како резултат на долгата војна доаѓа и до премор кај борбените едници кои мораат да бидат одморени или заменети со нови свежи сили.

Една од главните алатки за тоа е секако мобилизација на нови регрути со цел тие да се оспособат за воена служба и потоа да ги пополнат трупите кои на теренот се борат со несмален интензитет.

Но, речиси секогаш мобилизацијата, особено во воени услови е една од најнепопуларните политички мерки за секој политичар, бидејќи никој со своја волја не сака да биде регрутиран, обучен и потоа да биде испратен на фронтот и распореден во реоните на борбените дејствија.

Оттаму и калкулациите, и на Киев и на Москва се идентични. Подолго време се критикуваше Русија, чија армија, поради над 1000 километри долгиот фронт во Украина, има потреба од поголем број на војници, бидејќи досегашната бројка многупати се покажа дека е недоволна.

Тоа беше доволна причина за неодамнешната одлука на рускиот претседател Владимир Путин да потпише декрет со кој се врши мобилизација на речиси 150.000 руски државјани, кои се повикани на воена служба. Наредбата гласи дека на воена служба се повикуваат 147.100 лица на возраст од 18 до 27 години, кои не се во резерва и по закон подлежат на воена служба. Уредбата влегува во сила од денот на нејзиното официјално објавување.

Како дополнување на оваа редовна мобилизација, се чини дека руската армија ќе добие и дополнителен број на војници од редовите на оние кои самоиницијативно се приклучуваат да ѝ служат на својата држава. Имено, според руското Министерство за одбрана, бројот на Русите кои им се приклучија на вооружените сили значително се зголеми по минатомесечниот смртоносен напад на концертна сала во близина на Москва.

Повеќе од 100.000 луѓе потпишале договори со војската од почетокот на годината, вклучувајќи околу 16.000 само во последните 10 дена, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

„За време на интервјуата минатата недела во канцелариите за селекција во руските градови, мнозинството кандидати како главен мотив ја наведоа желбата за одмазда за загинатите во трагедијата на 22 март 2024 година во регионот на Москва“, објави Министерството.

Русија се потпира на постојан проток на регрути во своите вооружени сили поради војната во Украина, која сега е во трета година. Рускиот претседател Владимир Путин нареди мобилизација на 300.000 луѓе во септември 2022 година, но рече дека нема потреба од друга задолжителна мобилизација, бидејќи многу од оние што се приклучуваат се доброволци.
Постерите во руските градови ги величаат војниците кои се борат во Украина како патриоти и херои, а многумина се привлечени од платите кои се далеку повисоки во армијата отколку на другите работни места.

Но, Русија, која ја нападна Украина во февруари 2022 година, постигна мал напредок во последните два месеца. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу во март најави дека Москва ќе ги зајакне своите сили до крајот на оваа година.

Од друга страна, и Украина, како резултат на големиот број на жртви, но и војната која долго трае се соочува со недостиг од војници. Овој недостиг се смета дека е една од најголемите причини зошто пред околу една година пропадна тогашната долгонајавувана украинска офанзива за потиснување на руските сили и, како што тогаш ветуваше Киев, освојување и враќање на Крим во украинските државни граници.

Проценките на НАТО стратезите кои го советуваат и помагаат Киев е дека Украинската армија има потреба од околу 500 илјади војници, за да може да се справи со налетите на руската армија долж фронтот кој се протега на повеќе од илјада километри.

Со цел да ја исполни оваа бројка на нови регрути, украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потпиша нацрт-закон со кој се предвидува намалување на старосната граница за воена мобилизација од 27 на 25 години, додека на вооружените сили им недостасуваат мажи за да се спротивстават на руската инвазија. Нацрт-законот се наоѓаше на масата на Зеленски откако на крајот на мај 2023 година беше одобрен во украинскиот парламент – Врховната Рада, а засега не е јасно што го натерало украинскиот претседател да го потпише сега, пренесува Ројтерс.

Овој закон го проширува бројот на цивили кои војската може да ги мобилизира и да се вклучи во борба за време на вонредната состојба што е во сила од избивањето на конфликтот со Русија во февруари 2022 година.

Украинските трупи моментално се повлекуваат на бојното поле, соочени со недостиг на муниција и отсуство на витално финансирање од САД, што е блокирано од републиканците во Конгресот со месеци, а Европската Унија не ја испорача ветената воена помош навреме.

Сето ова и дополнителната најава за евентуална голема летна руска офанзива која се очекува да започне некаде во јуни, го вклучи алармот во Киев да преземе мерки за засилување на својата армија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот