ВИДЕО | Андоновиќ: Москва го обвинува НАТО дека се подготвува за напад врз Русија

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Еден од шефовите на руската разузнавачка служба ФСБ ги обвини земјите од НАТО дека се подготвуваат да извршат нуклеарни напади на руска територија.

Генералот Владимир Кулишов, кој ја предводи граничната служба на ФСБ, изјави за државната новинска агенција РИА Новости дека Москва е загрижена поради зголемувањето на активноста на НАТО во близина на руската граница.

„Разузнавачките активности на НАТО се зголемуваат во близина на руската граница, како и интензитетот на оперативната и борбена обука на војниците. Се развиваат сценарија за напад на Руската Федерација, вклучително и нуклеарни напади на нашата територија“, рече тој.

Неговите коментари доаѓаат откако рускиот претседател Владимир Путин претходно овој месец и нареди на својата војска да вежба тактичко нуклеарно оружје „поради заканите од Западот“.

Претходно и Балтичките земји и Полска предупредија дека би можеле да испратат војници во Украина доколку ситуацијата за Украина забележително се влоши бидејќи сојузниците не сакаат да достават оружје во Киев, пишува германски „Шпигел“.

Весникот наведува дека на маргините на конференцијата за надворешна и безбедносна политика во Талин минатата недела, претставници на балтичките земји ја „предупредиле“ Германија за последиците од нејзината политика во однос на конфликтот во Украина.

„Доколку Русите успеат да направат стратешки пробив на истокот на Украина, бидејќи Западот не сака да му помогне на Киев, ситуацијата може одеднаш да се влоши. Во тој случај, балтичките земји и Полска нема да чекаат руските сили да бидат распоредени на нивните граници, предупредуваат балтичките политичари – тие самите ќе испратат војници во Украина“, се истакнува во написот на „Шпигел“

На овој начин НАТО ќе стане страна во конфликтот, а токму од тоа се плашат германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џозеф Бајден, констатира весникот.

Шолц неодамна изјави дека се противи на ревидирање на правилата за употреба на германско оружје од страна на Украина и давање можност на Киев да изврши напади на руска територија. Канцеларот во неколку наврати нагласи дека Берлин не сака конфликтот меѓу Русија и Украина да се претвори во конфликт меѓу Русија и НАТО.

Претходно и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за „Економист“ изјави дека Алијансата нема намера да испраќа војници во Украина.

Но, изјавите на одделни политичари и пред сè онаа на францускиот претседател Макрон дека Франција би можела да испрати војници во Украина предизвика лавина на шпекулации за тоа дали и кога НАТО официјално би влегол во директен судир со Русија.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека реториката на Париз и Лондон во врска со можноста за испраќање војници во Украина е опасна. Од Кремљ изјавија и дека обрнале внимание на зборовите на Макрон дека темата за испраќање војници се разговарала во Европа и дека Москва добро ја знае неговата позиција за нанесување „стратешки пораз“ на Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот