
ВИДЕО: Ахмети на протест во Приштина со поранешни членови на ОВК против Специјалниот суд во Хаг
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, попладнево присуствуваше на протестот во Приштина организиран од поранешни припадници на ОВК во знак на протест против Специјалниот суд во Хаг и давајќи поддршка на поранешните лидери на ОВК кои се во притвор, јавува Косев.
Препорачано
На протестот имаше развеани знамиња на ОВК, Албанија и слики од Хашим Тачи, а се појавија и косовски политичари. Меѓу нив беше и лидерот на интегративците Али Ахмети, кој е еден од поранешните основачи на ОВК. Пред присутните граѓани изјави дека се собрале за да бараат слобода за поранешните команданти на ОВК, за кои, според него, Специјалниот суд неправедно се однесувал кон нив.
„ОВК водеше праведна војна – војна за слобода и ослободување од окупацијата. Се придржуваше до меѓународното право на војна и никогаш не ги таргетираше цивилите“, рече Ахмети.
Тој нагласи дека војната на ОВК не била насочена против ниту еден народ, религија или етничка група, туку исклучиво за ослободување на Косово.
Ахмети додаде дека водачите на ОВК го донеле Западот, НАТО, Америка и Европа на Балканот, со што придонеле за стабилност и соработка во регионот.
„Кој и да ги држи затворени денес, работи против стабилноста на нашиот регион и стабилноста на самиот Запад“, нагласи Ахмети.
Зборувајќи за ставот на Србија кон Косово и Албанците во регионот, тој рече дека Србија се обидува да ја поништи независноста на Косово.
„За време на војните, а и по нив, официјалните лица на Србија и Северна Македонија никогаш не се помирија со правата на Албанците. Србија, со своите поддржувачи, направи и прави сè за да ја поништи независноста на Косово. Преку Хашкиот трибунал, се обидува да поништи сè што е постигнато“, рече Ахмети.
Обраќање имаше и поранешната истражителка на Хашкиот трибунал, Невенка Тромп, која рече дека „одложената правда е негирана правда“, нагласувајќи дека ова не е само слоган, туку „болна реалност“ со која се соочуваат поранешните лидери на ОВК и косовското општество.
Собирот започна околу 17 часот на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Приштина. Според приштинските медиуми, илјадници граѓани од различни делови на Косово, регионот и дијаспората пристигнале во Приштина во текот на денот, каде што се формирале долги редици и сообраќајни метежи.
Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, заедно со Кадри Весељи, Реџеп Селими, Јакуп Красниќи и група негови соработници, е во притвор во Хаг, каде што се соочува со обвиненија пред Специјализираните совети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998 до 1999 година. Обвиненијата вклучуваат прогон врз политичка и етничка основа, незаконски апсења, тортура, убиства и други сурови дела.