Фестивалот се одржува од 22 до 28 мај во Кинотеката во Скопје

Вибрантен простор меѓу филмската слика и критичката мисла овозможува јубилејното издание на Филозофскиот филмски фестивал

Јубилејно 15-то издание на Филозофскиот филмски фестивал од 22 до 28 мај се одржува во Кинотеката во Скопје со програма во којашто ќе бидат прикажани триесетина филмови од Европа и од сите краишта на светот.

Филозофскиот филмски фестивал со мото „Провокативен. Полемичен. Поетичен.“ вибрира во просторот меѓу филмската слика и критичката мисла, на процепот меѓу полемиката и поезијата, а ги спојува зачудувањето и очудувањето.

Годинава, фокусот на Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) е насочен кон култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини (ППП) – фигура што совршено ги спојува трите зборови што стојат во срцето на програмската настроеност: провокативен, полемичен, поетичен. Во склоп на Ретроспективата беа прикажани четири филмови на Пазолини, а со проекцијата на петтиот филм „Евангелие според Матеј“ на 22 мај беше отворено јубилејното издание на фестивалот.

Во свечениот дел од вечерта се обратија главниот координатор на Фестивалот, Андреј Лазаревски, којшто го потенцира јубилејот и нѐ потсети за годинешниот фокус на Фестивалот, и програмскиот директор, Ѓорѓи Пулевски. Пулевски, меѓу другото, истакна: „Филозофскиот филмски фестивал, кој веќе 15 години живее меѓу нас, не е само културен настан. Тој е една постојана потрага – потрага по смисла, по форма, по вистини кои не се секогаш пријатни, но се неопходни. Неопходно провокативни, полемични и поетични.“ … „Поддршката на Филозофскиот филмски фестивал е поддршка на критичката мисла, на естетската храброст и на културниот интегритет. Но, исто така, ова е и момент да потсетиме: не смееме да заборавиме на потребата да ги поддржиме и другите филмски фестивали во нашата земја – секој со својата специфичност, со својот тон и својата публика – затоа што тие се столбови на еден поширок културен екосистем што сè уште го градиме, чекор по чекор.“

Амбасадорот на Република Италија во Скопје, Н.Е. Паоло Палминтери, во своето обраќање посочи: „Филмот во вечерашната програма претставува едно од највисоките и најамбициозните остварувања на уметничката кариера на Пазолини, како и негово најценето кинематографско дело во Италија.“

Фестивалската програма е изградена од разновидни сегменти: од Ретроспективата, Едукативната програма, компетитивните селекции на краткометражен и долгометражен филм, Придружната програма со селекцијата на турски краткометражни филмови и, од лани првпат воведената, Селекција на видеоесеи, па сè до Ревијалната програма: Филм-философија, со излагања на филмофили, професори, филозофи и вљубеници во амалгамот на филмското и филозофското.

Најзаслужни за квалитетната програма што ја нуди Фестивалот се селекторите, коишто секоја година внимателно ги избираат филмовите. Селектор на долгометражните филмови (ОСД) е проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на краткометражните филмови (ОСК) е д-р Дејан Здравков, а селекторка на видеоесеите (ВЕ) е м-р Ивана Мирчевска. Програмски директор на фестивалот е Ѓорѓи Пулевски.

Преку Официјалната селекција на долгометражни филмови годинава ќе бидат претставени пет филма, премиерно излезени минатата година. Тие се во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм. На програмата се филмовите „Последен здив“ во режија на Коста Гравас, „Универзален јазик“ на канадскиот режисер Метју Ренкин, „Новата година што никогаш не дојде“ на режисерот Богдан Мурешану, „Шамбала“ во режија на Мин Бахадур Бам и долгометражниот првенец на грузискиот режисер Џорџ Сихарулидзе со наслов „Паноптикон“.

Во конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито и според публиката, ќе бидат прикажани 15 филмови распределени во две филмски вечери на 23 и 26 мај. Филмовите доаѓаат од сите краишта на светот, како: Франција, Мексико, Аргентина, Германија, Австралија, Португалија, Хрватска, Бугарија, Египет, Русија, Италија, Шведска, Турција, Гватемала, Чиле, Холандија, САД, Венецуела, Канада и Белгија.

Жирито го сочинуваат домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија), кои ќе одлучуваат за наградите во Официјалните конкуренции на долгометражни и краткометражни филмови.

Селекцијата на видеоесеи што првпат беше воведена минатата година ќе продолжи и годинава со четири остварувања кои ќе бидат прикажани на 28 мај: „Дневникот на едно небо“ во кој Лоренс Абу Хамдан го користи звукот како политички и форензички инструмент; „Последни нешта“, филозофско-геолошка медитација направена во духот на постхуманизмот на Дебора Стратман; „Бесконечниот свет“ од Лукас Бергер, кој прикажува сонлива естетска композиција во движење; и „Случајни животни“ на Лејла Фатима Кејта и Феликс Кле.

Фестивалски тим: Андреј Медиќ Лазаревски, Љупчо Митковски, Ивана Мирчевска и Ѓорѓи Пулевски

На затворањето на фестивалот на 28 мај ќе се одржи проекција на едно од последните дела во плодниот уметнички опус на Дерек Џарман, со наслов „Витгенштајн“. Во овој филм е претставена драматизација на животот и филозофијата на Лудвиг Витгенштајн (1889-1951), преку неколку сцени од неговата биографија, визуелизирани со минималистичка сценографија, врз база на сценарио на литературниот теоретичар Тери Иглтон. Притоа, публиката ќе може да го слушне постхумното видеоизлагање на Ернесто Ередеро дел Кампо насловено „Витгенштајн и филмот“.

Во рамки на Придружната програма, за првпат кај нас, во соработка со списанието „Синефилозофи“ од Турција, ќе се одржи мала селекција на турски краткометражен филм именувана „Филозофија преку краток филм“, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција.

Филозофскиот филмски фестивал е во организација на Филозофското друштво на Македонија и се одржува со институционална поддршка на Агенцијата за филм на С Македонија, како и во партнерска соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје и Кинотеката на С Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот