
Вештак од МВР сведочеше за модуларната: Кабелот каде настанала електричната куса врска бил претходно механички оштетен
Во продолжената главна расправа за судскиот случај „Модуларна болница Тетово“, сведочеа вештак на ОКТВ при МВР како и универзитетски професори, кои го испитувале материјалот на модуларната болница.
Препорачано
Вештакот на ОКТИВ, вели дека пожарот како што и беше претходно објавено преку нивниот извештај, настанал како последица на електрична куса врска, но таа куса врска избила како резултат на претходно механички оштетен кабел.
„Утврдено е жариште на пожарот во соба број 3 кревет 1. Во критичниот момент се вршела реанимација на пациент со дефрибилатор, но и претходно се снимала пациентката со некои други апарати. Од жариштето за вештачење е подигнат кабел со придружни кабли. Врз основа на анализите, електричната куса врска настанала како резултат на претходно механичко оштетување на продолжениот кабел, па кусата врска е многу повисока, што дополнително го засилила пожарот. За време на увидот, не забележав ПП апарати внатре во самата модуларна болница, но надвор имаше ПП апарати, но тие не беа од модуларната болница. Инаку кислородот многу допринел да се прошират пламените јазици со поголем интензитет, рече вештакот на ОКТИВ при МВР.
Свои искази на рочиштето дадоа и родителите на пациентката, во чија соба изби пожарот, а во критичниот момент и двајцата биле со нивната ќерка, на која докторите и вршеле реанимација откако добила панични напади.
Мајката на пациентката, вели дека пожарот избувнал за време на реанимацијата токму над креветот каде лежела нивната ќерка.
„Мојата ќерка на критичниот ден ја доби потребната терапија, но потоа состојбата и се влоши, доби напад. Повикав помош од медицинскиот персонал, докторите донесоа апарат, почнаа да ја реанимираат, се тргнав настрана и во еден момент видов пламен над креветот од мојата ќерка. Пламените јазици ја зафатија косата на мојата ќерка и перницата, мојот сопруг почна да го гаси пожарот со раце, успеа да ги скроти пламените јазици, кои беа врз косата на мојата ќерка. Потоа со сопругот ја извлековме ќерката која беше неподвижна оти имаше церебрална парализа, успеавме да ја изнесеме надвор, најдовме и количка инвалидска, сопругот замина по помош. Ние со сопругот во модуларната бевме како придружба, мора да има придржба девојчето оти се работеше за лице со посебни потреби. А на влезната врата имашe напишано забранет влез, но не се сеќавам дали имаше ПП апарати, рече Катица Димовска, ќерка на пациентката Марија, која беше извлечена од модуларната болница, но почина како резултат на паничните напади, односно влошување на здравјето.
Бобан, сопругот на Катица, вели дека и по избувнувањето на пожарот, слушнал силна експлозија и видел како покривната конструкција се крева нагоре.
На рочиштетото сведочеа и медицински сестри. Рекоа дека се обиделе да помогнат да се изгасне пожарот, но пламените јазици ја проголтале модуларната блоница за неколку минути.
„Делевме терапија, кога кажаа дека има некоја пациентка во критична состојба ние истрчавме во таа соба број 3 и во еден момент избувна пожар. Излеговме надвор да побараме помош, но кога сакавме да се вратиме внатре во модуларната, тоа не беше можно оти за многу кратко време модуларната беше зафатена со пламени јазици. Во модуларната болница имаше ПП апарати, но не се сеќавма каде. Сум забележала дека влегува придружба на пациенти во модуларната, вели една од медицинските сестри која дежурала за време на кобната ноќ.
„Имаше ПП апарати во модуларната, но немавме време да реагираме, оти за кратко пожарот ја проголта болницата. Ние почнавме да ги извлекуваме пацентите преку прозорите, сведочеше друга медицинска сестра.
Утринава пред да започне главната расправа за пожарот во модуларната болница, пред Основниот суд во Тетово, жители на Тетово одржаа мирен протест за подршка на доктор Бобан Вучевски еден од обвинитети кој јавното обвинителство го товари за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Докторот не е виновен посочија тетовци, вината според нив треба да се бара на друго место.
„Не знам зошто е обвинет доктор во овој случај, кој доктор би сакал да изгуби пациент, тие се борат за пациентите,“ вели еден тетовец кој беше присутен на протестот.

„Вината треба да се бара на друго место на тие кој ја граделе и одлучиле да има ваква болница каде ќе се лечат пацинти заболени од КОВИД 19, додаде друг тетовец.
Следното судско рочиште е закажано за 2 март кога свои искази ќе имааат сведоци на одбраната.
Тетовското Обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.
Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата.