Паркинг за велосипеди/Фото „Слободен печат“ / Слободан Ѓуриќ

Вело-инфраструктурата не е уредена со правилник само во Македонија, Албанија и Косово

Правилникот, кој сѐ уште не е сосема готов, опфаќа планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедската инфраструктура, што е многу важно за сите граѓани, а особено за оние што се превезуваат на две тркала.

Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура беше презентиран во рамките на „Европската недела на мобилност“, иако Правилникот сѐ уште не е сосема готов затоа што се очекуваат уште некои мислења од надлежни институции. Потоа за него треба да се изјаснат пратениците во Собранието.

Настанот беше организиран од здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу грин“ (Биди зелен) во соработка со Министерството за транспорт.

Здружението веќе подолгo време се обидуваше да влијае кај надлежните за донесување на овој правилник, а како што истакна Дарко Арсовски Петровски, проектен координатор во „Гоу грин“, Македонија е една од трите земји во Европа каде што нема правилник за велосипедска инфраструктура.

 Ова е многу позитивен пример за тоа како може со граѓанските ентузијазам и знаење, заедно со добрата политичка волја, да се направи еден успешен европски правилник, што ќе ни помогне навистина многу да се поттикне велосипедскиот сообраќај во нашата држава, а воедно и тој да биде безбеден – рече Блаже Јосифовски, претседател на „Гоу грин“.

Заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири рече дека за првпат во нашата држава се изработува еден правилник што опфаќа планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедската инфраструктура, што е многу важно за сите граѓани, но и голем чекор напред за Македонија во однос на европските стандарди.

Освен од професионален аспект, како заменик-министер, за мене настанот е важен и од личен аспект. Од причина што поради небезбедноста на возачите велосипедисти на автопатите, јас го имам изгубено мојот сопруг пред две и пол години, кој беше велосипедист, спортист и животот го загуби токму додека возеше. Јас мислам дека овој правилник ќе ги стимулира сите наши граѓани да возат повеќе и да бидат побезбедни на нашите патишта – потенцираше Зеколи Шаќири во изјава за медиумите.

Скопје „тапка“ во место, нема нови велосипедски патеки, а постоечките се оштетени и небезбедни

За новиот Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура зборуваше и министерот за транспорт Александар Николоски на конференцијата посветена на подобрување на урбаниот транспорт, нагласувајќи дека Министерството особено внимание посветува на унапредување на стандардите за велосипедската инфраструктура, со цел да се зголеми безбедност на велосипедскиот сообраќај.

Во Законот за јавни патишта предвидовме основа за донесување Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, а во соработка со граѓанскиот сектор изработивме Предлог-правилник, кој ќе биде донесен во текот на следниот период. Со ова сакаме да пратиме порака дека велосипедот како симбол на одржлива мобилност е рамноправно превозно средство, а не само средство за рекреација. Со поддршка од државата и со визија на општините, можеме да изградиме градови што се поодржливи, побезбедни и подобри места за живеење – нагласи Николоски.

На новиот правилник му се израдуваа и велосипедистите од групата „На точак“.

Македонија е во последните три држави во Европа заедно со Албанија и Косово кои немаат ваков правилник. Нема да се споредуваме со Холандија. Другите балкански држави донесоа пред 10-15 години. Крајно време е – велат од „На точак“.

Нивна визија е Скопје до 2030 година да стане најпријателски град на Балканот за пешаци и велосипедисти, со учество на велосипедите од 15% во градскиот сообраќај и со нула жртви во сообраќајот, град кој е зелен и пријатен за живеење.

Тие пред четири години во пресрет на минатите локални избори изготвија список на 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје, кои годинава повторно ги актуализираат за периодот од 2025 до 2029 година, со чија реализација, според нив, Скопје би станал велоград во еден мандат.

Од „На точак“ сметаат дека 10-те точки, односно области каде што е потребно да работи идната локална власт во Градот Скопје и во општините се распространета велосипедска мрежа; слободни тротоари и квалитетен јавен простор; вардарска зелена активна магистрала; паркинзи за велосипеди; систем за изнајмување велосипеди како дел од паметно Скопје, визија нула и зона 30; процедури, стандарди, транспарентност и партиципативност, меѓу кои спаѓа и донесувањето Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура од Министерството за транспорт; потоа денови без автомобили / улици за луѓе, субвенции за велосипеди и велосипедска опрема и промена на сообраќајниот систем на Скопје.

Оттаму нагласуваат дека Скопје започнало да се менува на подобро пред 11 години со проектот „Скопје велоград“ и во два градоначалнички мандати, и тоа од градоначалници од спротивставени опции, одржа континуитет во позитивните промени, но, како што велат, во последните четири години промените стагнирале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот