Велковски: За дивоградбите колку е виновен народот, толку е виновна и државата!

Проблемот со дивоградбите е децениски и државата мора еднаш да пресече – да дозволи да се легализира тоа што досега е направено, но да повлече црта и да направи таков дестимулативен закон што во иднина дури и со кривична одговорност ќе ги одврати оние што градат на диво, вели Никола Велковски кој има богата кариера во градежништвото и во урбанизмот.

Тој е поранешен главен архитект на Град Скопје, ја вршеше и функцијата претседател на Здружението на градежништо при Стопанската комора, а веќе повеќе од 30 години ја раководи и фирмата за проектирање и изведба „Инком инженеринг“.

– Јас не сум за тоа, да се расчисити со дивоградбите, така што тие ќе се урнат. Сосема легитимно е тогаш некој да праша зошто не се интервенирало додека се градело, а не отпосле откако е изградено.За деценискиот проблем со дивоградбите сметам дека колку е виновен народот, толку е виновна и државата. Тука пред се мислам на многу долгиот процес околу издавањата на одобренијата за градба, што дел од граѓаните ги ставило во искушение да градат на диво, затоа што имале неопходна потреба од станбен простор. Потоа, исто така, можеме да ја видиме бавноста при носењето на урбанистичките планови. Да се изгради нешто на диво е многу голем ризик, со постојан страв од државата, со неможност да се продаде, да се пренесе на наследниците. Таа „цена“ е многу поголема од проект и комуналии за лагална градба. Затоа треба да се постави и прашањето зошто има дивоградби. Затоа сметам дека државата треба да создаде подобри услови за да може да се гради, но истовремено и да пресече, така што по една обемна дискусија, со многу конкретни решенија, ќе донесе еден сосема дестимулативен закон за бесправно градење – вели Велковски.

Тој објаснува дека дивоградбите тешко потоа се вклопуваат во едно урбанистичко решение.

– Кога процесот е обратен и кога прво ќе се направат куќи, многу тешко е потоа да се создадат услови за едно урбано живеење во кое треба да има и зеленоло и пат и училиште… Затоа, мора да се стави еднаш за секогаш крај на дивоградбите – вели Велковски.

Тој вели дека во светот не е познат зборот „дивоградби“.

– На времето, кога имав состаноци надвор од државата, зборував дека имаме проблеми со дивоградби, но ме прашаа што значи тој збор. Им објаснив – па тоа се објекти кои се изградени без дозвола, а тие ме прашаа како е можно тоа?! – се присетува Велковски.

Велковски е категоричен дека не може секој да гради каде што ќе му текне и што ќе му текне.

– Државата го планира урбанизмот. Сопствениците на земјиштето не можат да планираат сами. Не може никој сопственик да биде урбаниста. Да, правото на сопственост е згарантирано и со Устав, но ќе се гради тоа што е по планот, а ако на пример, за општ интерс треба да се гради пат, тогаш тоа земјиште се одзема, секако за правичен надомест – вели Велковски.

Кривично дело е градежниците да градат објект без градежна дозвола

Согласно законската регулатива секој објект, па и индивидуална куќа, треба да ја прави лиценцирана фирма.

– Ниту еден изведувач не смее да гради објект кој нема одобрение за градба. Законот предвидува и казни, и тоа – кривична одговорност за одговорното лице и финансиска одговорност за фирмата – објаснува Велковски.

На нашето прашање од каде тогаш толку дивоградби во државата, неговиот одговор е кус: Станува збор за сива економија!

Тој потсетува и дека без одобрение за градба, не смее да се приклучи објект ниту на ектрична енергија, ниту на водоводна мрежа. Сепак, во државата се евидентирани околу 50.000 дивоградби изградени по 2011 година, откога почна да се затега регулативата, вклучувајќи ги и правилата за комунални приклучоци, за да се оневозможи градењето на диво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот