
Веледрогеријата „Пановски“ доби опомена за брзата достава на „нексавар“ за пациент на Онкологија, пред да добијат одобрение од МАЛМЕД
Лекот „нексавар“ кој чини околу 3,5 илјади евра за една кутија од 112 таблети, во 2018 година му бил даден на користење на пациент во дневната болница на Клиниката за онкологија, пред добавувачот, веледрогеријата „Д-р Пановски“ да добие одобрение за ставање во промет на лекот од МАЛМЕД, покажува судската пресуда од Апелација до која дојде „Слободен печат“. За овој прекршок првично судот ја казни веледрогеријата со 1.000 евра, а одговорното лице Златко Пановски со 500 евра, но Апелација ја укина оваа пресуда и ја преиначи во опомена.
Препорачано
Преиначувањето од страна на Апелација, следува откако Акционерското друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјал, промет и услуги „Д-р Пановски“ како правно лице и Златко Пановски како одговорно лице доставиле жалба до судот.
Во жалбата пишува дека тие не го сториле прекршокот, туку постапувале во крајна нужда по барање на Клиниката за онкологија лекот „нексавар“ 200 мг, 112 филм-обложени таблети да се стави во промет пред добиеното одобрение бидејќи им бил потребен на пациентите.
Судот овие жалбени наводи не ги прифатил, бидејќи фармацевтската инспекторка, инаку раководителка на секторот за инспекциски надзор во Агенцијата за лекови и медицински средства, како сведок на суд кажала дека кога МАЛМЕД направил вонреден инспекциски надзор во магацинскиот простор на веледрогеријата „Д-р Пановски“ на 21 февруари 2018 година, констатирано било дека има пет кутивчиња помалку од лекот со определен сериски број, а пет кутивчиња повеќе од лекот со друг сериски број споредено со количината на лекови утврдена при првиот увид и прием на лекови кој се случил месец и половина пред надзорот, односно на 4 јануари 2018 година.
Но, лекот во овој меѓупериод, односно на 12 февруари 2018 година му бил даден на пациент во дневната болница на Клиниката за онкологија.
Откако производителот на лекот ја потврдил автентичноста на произведените серии, МАЛМЕД издала одобрение за ставање на лекот во промет. Исказот на инспекторката е поткрепен со писмени докази, записници за извршена контрола, од кои што судот утврдил дека обвинетите го сториле предметниот прекршок, а со фактот што ги огласил за виновни, не ја прифатил нивната одбрана со оглед на тоа што и самите не оспориле дека го пуштиле лекот во промет пред да биде издадено одобрението.
Апелација ценеше дека веледрогеријата досега не била прекршочно санкционирана, не оспорила дека лекот во промет го пуштиле пред да добијат одобрение, кое подоцна било издадено, паричната глоба ја преиначи во опомена.
„Со прекршочната санкција опомена, основано може да се очекува истата поправно да влијае врз обвинетите во иднина да не се јавуваат како сторители на вакви и слични прекршоци“, пишува во пресудата од 31 мај годинава, која на сајтот на судот се најде два месеци подоцна.