Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ваучери од 3 и 6 илјади денари за млади од 16 до 29 години од семејства со ниски примања

Владата усвои уредби на Министерството за образование и наука со кои се детализира реализацијата на мерките за поддршка на младите.

Како што соопшти на прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми, првата уредба е за доделување по 3.000 денари за набавка на училиштен прибор (за пишување, цртање, лектири, спортски обувки и маички за наставата за спорт…) ќе може да ја добие секој редовен ученик запишан во учебната 2020/2021 во јавните средни училишта, кој е постар од 16 години на денот на влегување во сила на оваа Уредба, и потекнува од семејно домаќинство кое во 2019 имало просечен месечен доход по сите основи не поголем од просечна плата по вработен за март 2020 според Државниот завод за статистика.

Ќе се аплицира на платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk каде што ќе ги прикачат и потребните документи со кои се потврдува исполнувањето на условите.

Рокот за пријавување е десет дена откако платформата ќе биде активирана, а за тоа корисниците дополнително ќе бидат информирани. Финалната листа на корисници ќе биде објавена најдоцна до 10 септември и во рок од три дена ќе почне исплатата на средства, кои ќе треба да се искористат најдоцна до 15 октомври и само за намена за која им се доделени.

Ќе им бидат префрлени на платежна картичка за домашни производи и услуги, а ако не ја поседуваат, дополнително ќе им биде издадена.

Втората уредба е за доделување средства во висина до 6.000 за студенти од семејства со ниски приходи, а ќе биде наменет за покривање дел од партиципација за студирање или за  сместување во студентски дом или за приватно сместување.

Основен услов е студентот да е запишан на прв циклус студии на јавните високообразовни установи во земјава и чие семејство месечно во 2019 по сите основи немало приход поголем од просечната плата за вработен во март 2020.

Министерот Адеми апелираше до младите да не ја испуштат можноста, а според проценките ќе бидат опфатени околу 100 000 корисници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот