
Ватикан објави: „Божјиот архитект“ Антони Гауди на пат да стане светец
Архитектот Антони Гауди уште одамна беше наречен „Божји архитект“ од оние кои укажаа на неговата побожност и религиозните теми проткаени низ неговите високи кули, шарена керамика и брановидни линии.
Препорачано
Сега се чини дека Ватикан можеби е подготвен да го официјализира. Во понеделникот беше кажано дека каталонскиот архитект на познатата базилика Саграда Фамилија во Барселона е ставен на патот да стане светец поради неговите „херојски доблести“.
Речиси еден век по смртта на Антонио Гауди, декларацијата е еден од почетните чекори во долгиот и сложен процес кон светост. Архитектот кој стои зад неколку од најголемите туристички атракции во Барселона прво ќе мора да биде прогласен за блажен пред да се премине на последниот чекор на канонизацијата.
Приврзаниците на Гауди повикаа да биде прогласен за светец пред повеќе од три децении, посочувајќи како фантастичните кубиња и сложениот камен на катедралата Саграда Фамилија убедиле некои посетители да преминат во католицизам, пишува „Гардијан“.
„Нема сериозни пречки“, рекол архитектот и тогашен претседател на Здружението за беатификација на Гауди, Хозе Мануел Алмузара, во 2003 година.
Тој го опишал здржението како движење од 80.000 луѓе ширум светот кои му се молеле на Гауди, молејќи го да прави чуда.
Инаку, изградбата на Саграда Фамилија започна во 1882 година. Повеќе од 140 години подоцна, останува најголемата недовршена Римокатоличка црква во светот – Гауди ги посвети последните 12 години од својот живот на проектот.
Папата Бенедикт Шеснаесетти ја освети зградата во 2010 година, кога ја пофали „генијалноста на Антони Гауди во преобразувањето на оваа црква во слава на Бога во камен“.
Години подоцна, беше објавено дека базиликата ќе биде завршена во 2026 година, датум што се совпадна со стогодишнината од смртта на Гауди. Датумот на завршување, сепак, беше одложен на неодредено време откако пандемијата ја запре изградбата и ги намали приходите од туризмот достапни за финансирање на работата.
Саграда фамилија е изградена во стилот на каталонскиот модернизам, но содржи и елементи на готската, арт нуво насока и силна инспирација од природата. Гауди верувал дека природата е Божјо дело, па многу елементи од базиликата се обликувани да личат на дрвја, растенија и животни. Целата зграда зрачи со симболика и ја претставува „Библијата во камен“. Базиликата има три главни фасади, од кои секоја прикажува дел од Христовиот живот.