
Васоски: Силекс нема да потценува никого, очекувам да бидеме на вистинско ниво и да почнеме со победа
Вицешампионот на Македонија екипата на Силекс в понеделник од 17.30 часот ја почнува сезоната на домашен терен во Кратово со натпревар против Брера од Струмица во Првата македонска лига.
Препорачано
Од таборот на кратовци со доза на внимателност го очекуваат овој дуел, со оглед дека секогаш првите натпревари може да бидат тешки. Ја прифаќаат фаворитската улога, но потенцираат дека трите бода мора да се освојат и на терен.
– И покрај тоа што ние имавме настапи во Европа и порано почнавме со подготовките, добро знаеме дека секогаш првите натпревари се тешки за играње за било кој тим. Можеби сме фаворити на хартија на овој прв натпревар во новата сезона, но треба да се оправда сето тоа и на теренот. Влегуваме во мечот без потценување кон противникот, и мислам дека ако бидеме вистинските, од нас ќе зависат многу работи од овој дуел со Брера. Голем респект кон Брера, на секој натпревар ќе истрчаме без потценување кон никого, и сметам дека ако бидеме на вистинското ниво ќе издвојуваме победа – рече тренерот на Силекс, Александар Васоски кој додаде дека неговата екипа нема проблеми со повредени и суспендирани играчи за првиот натпревар во новата сезона.
Шефот на стручниот штаб на кратовскиот прволигаш ги истакна целите и амбициите во новата сезона:
– Во минатата сезона го освоивме второто место, и во оваа на некој начин апетитите пораснаа. Што се однесува до нашиот тим, си заминаа дел од клучните играчи. Меѓутоа донесовме замени, нови играчи кои се во фаза на адаптација. Ако биде се како што треба и ако успеат да се адаптираат, очекувам да избориме пласман во Европа, што е и наша цел во оваа нова сезона – потенцираше Васоски.