
„Вашингтон егзаминер“ со критика до Вучиќ: Српската власт со репресија против демонстрантите
Авторката потсетува дека Вучиќ повеќе од една деценија ја консолидира својата моќ преку притисок врз медиумите, политизација на судството и користење државни ресурси за јакнење на неговата партија
Новинарка од американскиот конзервативен весник „Вашингтон егзаминер“ објави колумна во која ги критикува српските власти за нивното брутално репресирање на демонстрантите, како и Европската Унија, пренесува Нова.рс.
Препорачано
Колумната укажува дека протестите во Србија, кои започнаа во ноември минатата година како израз на незадоволство поради корупцијата и распаднатата инфраструктура, прераснаа во пошироко движење против владеењето на претседателот Александар Вучиќ. На улиците на Белград и други градови се случија судири меѓу полицијата и демонстрантите, при што беа забележани интервенции, апсења и дури и организирани контрадемонстрации од страна на властите.
Авторката потсетува дека Вучиќ повеќе од една деценија ја консолидира својата моќ преку притисок врз медиумите, политизација на судството и користење државни ресурси за јакнење на неговата партија. Иако изборите формално се одржуваат, меѓународните набљудувачи констатираат сериозни нерегуларности – од притисоци врз јавната администрација до доминација на прорежимската медиумска сцена.
Текстот наведува дека приказната за Србија е и приказна за Европа, бидејќи Европската Унија, и покрај репресијата, продолжува да го третира Вучиќ како партнер и да ја одржува земјата на патот кон членство.
„Брисел го толерираше лизгањето во нелиберализам и ја стави краткорочната стабилност пред принципите, со што ја поттикна неказнивоста на режимот“, пишува во колумната.
Во исто време, Србија ја балансира својата надворешна политика меѓу Брисел, Москва и Пекинг. Вучиќ неодамна оствари средба со кинескиот претседател Си Џинпинг, продолжи договор со „Газпром“ за снабдување со гас, склучи договор за слободна трговија со Кина и дури одржа заеднички воени вежби со кинеската армија.
Колумнистката предупредува дека со својата „мекост“, ЕУ дополнително ја зајакнува позицијата на Вучиќ и го ослободува од притисок за реформи.
„Европските лидери секогаш реагираат со внимателни изјави, но без вистински последици. Така, Вучиќ ја користи темата за Косово како постојан извор на внимание и начин да остане неопходен за Западот“, пишува „Вашингтон егзаминер“.