Вардариште - Фото Слободен печат - Методи Здравев

„Вардариште“ чади, „Дрисла“ гори, граѓаните се закануваат со проширување на блокадите

„Вардариште“ стана тема во предизборната битка за градоначалник на Скопје, а пак актуелното раководство на Град Скопје на чело со градоначалничката Данела Арсовска, освен што соопшти дека го исчистиле нивниот дел од „Вардариште“, не се огласи за пожарот на „Дрисла“ иако станува збор за јавно претпријатие во градска надлежност.

Десетина дена по пожарот сè уште чади и загадува „Вардариште“, а од вчера гори и градската депонија „Дрисла“. Скопјани, кои поголемиот дел од годината живеат со затворени прозорци поради загадениот воздух, сега секојдневно се изложени на токсичните испарувања од двете депонии, особено граѓаните што живеат во нивна близина.

Својот револт од ваквата ситуација жителите на Ново Лисиче и на Аеродром го искажуваат со секојдневни протести со блокада на крстосницата помеѓу булеварите АСНОМ и Србија и велат дека ако надлежните не реагираат итно и не ги обезбедат двете депонии од потпалување, ќе ги прошират блокадите.

Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ бараат итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата, континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од МВР или од припадници на АРМ за спречување нови палења. Тие бараат околу депонијата да се постави ограда и термални камери на повеќе точки во „Вардариште“, кои ќе бидат достапни онлајн за сите граѓани 24/7, а бараат и локалните власти и централната власт итно да издвојат финансиски средства за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата според еколошките стандарди. Според нив, неопходно е формирање независна комисија за испитување на причините за палењето, како и целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт „нула отпад“.

Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем. Доста е! „Вардариште“ не смее повеќе да гори! – повикуваат од „Стоп за Вардариште“.

„Стоп за Вардариште“ со конкретни мерки за загадувањето: Депонијата е голема закана за нашето здравје

Во меѓувреме „Вардариште“ стана тема во предизборната битка за градоначалник на Скопје, додека, пак, актуелното раководство на Град Скопје на чело со градоначалничката Данела Арсовска, освен што соопшти дека го исчистиле нивниот дел од „Вардариште“, не се огласи за пожарот на „Дрисла“ иако станува збор за јавно претпријатие во градска надлежност.

Овој пожар денеска е сѐ уште беше активен, а како што соопштија од ЦУК, во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад што се чувствува и во пошироката околина. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека скопските пожарникари цела ноќ се обидувале да го изгаснат пожарот, но гаснењето со вода не дало резултати. Затоа денеска започнале со затрупување на најкритичниот дел од депонијата, каде пожарот бил најинтензивен.

Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште -Фото Слободен печат – Методи Здравев

Тој информира дека Владата ќе донесе одлука за забрана за движење во депонијата „Вардариште“, која ќе биде обележана и обезбедена за да се спречи ново намерно или ненамерно потпалување. Како што соопшти,  веќе се поднесени кривични пријави против три лица што нелегално управувале со отпад.

По пожарите на двете депонии, според кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, жителите на Скопје се оставени сами да се справуваат со последиците од загадувањето, што претставува најдобар доказ за неодговорното и неспособно управување на ВМРО-ДПМНЕ со градот.

Четири години нема никакво системско решение за управување со отпадот додека ризикот по здравјето на скопјани расте секој ден. Наместо конкретни мерки, добивме само популизам и празни ветувања. Додека градот се гуши во ѓубре и чад, тие одржуваат прес-конференции за нереални фестивали и паркови на контаминирано земјиште – истакна Шукова.

Пожарот на Дрисла не стивнува, Ангелов најавува затрупување на депонијата со земја

За ВМРО-ДПМНЕ, крајно неодговорно е поранешната државна секретарка и министерка во Министерството за животна средина Каја Шукова да говори дека проблем што не го реши за 20 години како вработена во ресорното министерство, сега ќе го средела за три месеци.

 Шукова изгледа заборавила, но токму нејзината партија СДС, кога беше на власт на централно и на локално ниво, ги тргна чуварските служби во „Вардариште“ и „Дрисла“. Патем, јавноста знае кој ги создава проблемите – СДС, а кој ги решава – ВМРО-ДПМНЕ – велат од партијата.

Дрисла/ Фото: Архива

За кандидатот на Левица за прв човек на главниот град Амар Мециновиќ, „Вардариште“ не може да се претвори во парк или простор за прошетки, поради долгогодишното загадување и контаминација на земјата и подземните води.

„Вардариште“ е депонија што повеќе од половина век труе и загадува, а неконтролираните палења од луѓе на маргините на општеството, го влошуваат ризикот по здравјето на граѓаните – рече Мециновиќ.

Тој посочи дека Левица предлага долгорочно решение, кое подразбира забрана за пристап, пренесување на сите остатоци во официјални регионални депонии, долгорочно зазеленување, техничка анализа за биогасна централа, целосна примена на студијата за „Вардариште“ од 2014 година и можност за изградба на фабрички центар за рециклирање на отпад.

Мицкоски: „Вардариште“ не го создадовме ние, ама ние ќе го решиме

И додека политичарите се препукуваат и додека никој не се чувствува одговорен за она што му се случува на Скопје со старата градска депонија, скопјани го дишат чадот и загадениот воздух и ја чувствуваат смрдеата што не запира со денови. Притоа, ниедна институција не соопшти и не издаде предупредување до граѓаните дали треба да престојуваат на отворен простор или не и колку загадувањето од пожарот во „Вардариште“, а од вчера и во „Дрисла“ влијае врз нивното здравје.

На новинарско прашање зошто молчат од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје и зошто нема препораки за граѓаните, премиерот Христијан Мицковски посочи дека тоа е затоа што нема зголемени параметри во воздухот што се алармантни, иако тоа не изгледа така.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот