
Вардар и дефинитивно остана без настап во Европа
Лидерот на табелата, Вардар летово нема да игра во квалификациите за ЛШ.
Најтрофејната македонска фудбалска екипа Вардар иако пред прекинот на првенството беше лидер на табелата со 10 бода предност пред второпласираниот Силекс, но милионските долгови му ја ускратија можноста да игра во Европа.
Препорачано
Комисијата за лиценцирање како и комисијата за жалби за лиценцирање ги објавија имињата на екипите кои добија лиценца за настап во квалификациите за ЛШ и за ЛЕ, а меѓу нив не е Вардар.
Екипите кои добија зелено светло за настап во Европа се Академија Пандев, Македонија ЃП, Шкендија, Силекс, Работнички, Ренова и Шкупи, додека покрај Вардар без лиценца останаа и Борец, Брегалница и Струга ТЛ.
Вардар и минатото лето не доби лиценца за настап во европските купови поради финансиските проблеми, а оваа сезона беше сигурно дека нема да добијат зелено светло по заминувањето на Сергеј Самсоненко од челната позиција на „црвено-црните“ кој притоа остави долг од речиси два милиони евра.
Иако постоеја надежи дека градот Скопје ќе го презеде управувањето со клубот, таа опција не се реализира бидејќи во договорот кога Самсоненко го преземаше клубот стоеше ставка дека тој мора да го врати Вардар на градот без никакви долгови, поточно со салдо нула.
Комисиите донесоа одлука дека се издава лиценца за учество во УЕФА клупски натпреварувања во сезона 2020/21 на клубовите:
1. ФК Академија Пандев АД – Струмица
2. ФК Македонија ЃП 1932 АД – Скопје
3. ФК Работнички АД – Скопје
4. ФК Ренова АД – с.Џепчиште
5. ФК Силекс АД – Кратово
6. ФК Шкендија АД – Тетово
7. ФК Шкупи 1927 АД – Скопје
Комисиите донесоа одлука дека не се издава лиценца за учество во УЕФА клупски натпреварувања во сезона 2020/21 на клубовите:
1. ФК Брегалница 2008 АД – Штип
2. ФК Борец 1919 АД – Велес
3. ФК Вардар АД – Скопје
4. ФК Струга ТримЛум АД – Струга