
Ваљбона Адили Емини од Вреди е нова пратеничка во Собранието
Државната изборна комисија (ДИК) ќе го извести Собранието да го верификува мандатот на пратеничката Ваљбона Адили Емини, која ќе го пополни празното пратеничко место по оставката на пратеникот Салим Сулејмани од коалицијата Вреди.
Препорачано
На денешната седница ДИК констатираше дека Адили Емини го прифаќа мандатот за што и се издава писмено уверение по оставката на Сулејмани.
Претходно, Собранието пред почетокот на денешната 52 седница констатираше дека престанува пратеничкиот мандат на Салим Сулејмани, кој на 18 мај поднесе оставка од сите функции во Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието, повикувајќи се на морална, професионална и политичка одговорност, а со неговата оставката Вреди добива нов пратеник.
Во јавна изјава Сулејмани го критикуваше доближувањето на АА до ДУИ и го оцени како „недостоен компромис“.
-Не можам да бидам дел од сојуз што прави компромиси со луѓе спомнати на меѓународни црни листи- посочи Сулејмани.
Тој објасни дека неговиот влез во политиката бил мотивиран од желбата за вистинска промена, а не од лични амбиции ја дефинираше ДУИ како „структура поврзана со клановски и лични интереси“ и додаде дека коалицијата ВРЕДИ е „антипод на коруптивната матрица“.
-Приближувањето на Алијанса за Албанците до ДУИ е предавство на ветеното и кршење на принципите- потенцираше Сулејмани во оставката.
Несогласувањата во коалицијата ВРЕДИ започнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници.
По оваа одлука, коалициските партии во ВРЕДИ го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.