Устав ќе менувале, а одвај амбасадор можат да сменат

Претседателски кандидати Фото: Колаж/ Слободен печат

 Секој од кандидатите се „колне“ дека ќе биде претседател на сите граѓани, натпартиски, дека ќе обединува и ќе сплотува, дека нема да ѝ служи на партијата што го поддржала и дека достоинствено ќе ја претставува државата. Меѓу другото, ветуваат и промени за кои немаат надлежност.

Претседателската трка и официјално почнува утре, а за фотелјата на „Вила Водно“ копјата ќе ги кршат седум кандидати, кои во претстојнaта кампања ќе ги убедуваат граѓаните дека токму тие се вистинскиот избор за најпрестижната функција – претседател на државата.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски атакува на втор мандат, повторно поддржан од СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, а кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ Гордана Силјановска Давкова ќе се обиде од вторпат да биде избрана за прва жена претседателка на државата. Првпат во плурална Македонија во трка за претседател е кандидат кој е на „црната листа“ на САД – лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, а четврти на листата, според ждрепката на Државната изборна комисија (ДИК) е Бујар Османи, кандидат на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ. Билјана Ванковска, поддржана од Левица, е втората кандидатка која претендира на претседателското столче. Арбен Таравари е кандидат на коалицијата „Вреди“, а седми на листата е Максим Димитриевски, поддржан од ЗНАМ – За наша Македонија.

Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

На 24 април е првиот круг од изборите. Досега само првиот претседател Киро Глигоров победи во првиот круг кога доби повеќе од 50 отсто поддршка од запишаните гласачи во Избирачкиот список, а во сите наредни избори на шеф на државата по двајца кандидати со најмногу гласови се бореа во вториот круг, за кој е неопходен цензус од 40 отсто. Се очекува на 8 мај, за кога се закажани и вториот круг од претседателските, но и парламентарните избори, граѓаните да селектираат двајца кандидати од кои ќе биде избран шефот на државата кој ќе го служи седмиот претседателски мандат.

Различен приод кон евроинтеграциите

Од досегашните конвенции на кои претседателските кандидати ги претставија поентите од своите изборни програми, главни карактеристики се дека тројца кандидати – Пендаровски, Османи и Таравари – стојат зад т.н. францускиот предлог и се за експресна промена на Уставот со внес на Бугарите во Преамбулата. Договорот не го прифаќаат и бараат репреговарање Силјановска, Јакимовски и Димитриевски, додека Ванковска бара поништување на Рамковниот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство. Шесте кандидати, и покрај разликите за „францускиот предлог“, иднината на Македонија ја гледаат во Европската Унија, освен Ванковска.
Пендаровски на конвенцијата порача дека Македонија е можна како демократска и просперитетна држава само ако ги одржува витални двата стратегиски континуитети – евроатланските интеграции и меѓуетничките односи.

– Разликата помеѓу нас и сегашната опозиција е тоа што тие не носат важни одлуки. Немаа ниту една голема стратегиска одлука за државата. Горд сум што ги почнавме преговорите со ЕУ по 17 години чекање и договоривме со ЕУ македонскиот јазик да биде официјален во Унијата – рече Пендаровски.

Гордан Силјановска-Давкова и Мицкоски Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Силјановска Давкова, пак, од конвенцијата порача дека ако со реформи покажеме дека знаеме европски да живееме и да работиме, тогаш ќе имаме самопочит, ама ако не е заслужена, нема да нè почитуваат. Според неа, само така ќе станеме вистински Европејци.
Јакимовски, кој по објавата на кандидатурата за шеф на државата се најде на „црната листа“ на САД, порача дека нема да поддржи „ниту уставни промени, ниту притисоци, ниту уцени – ниту пред ниту по избори.

-Остануваме цврсто на ставот за разрешување на оние проблеми што вештачки се наметнуваат од страна на нашите партнери –  нагласи претседателот на ГРОМ.

Стевчо Јакимовски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Османи нема дилема дека единствениот пат на Македонија е членство во ЕУ.

– Нашата иднина е во ЕУ и ова мора да им го исполниме на граѓаните. Мора да го запреме одливот на младите, мора да се инвестира во економијата, мора да се вложува во образованието согласно светските стандарди – рече Османи на конвенцијата.

Бујар Османи, конвенција Фото: Османи Фејсбук

Тој напомена и дека ја има добиено „севкупната надворешна поддршка“.

Димитриевски, пак, истакна дека и ЗНАМ е за интеграција во Европската Унија, но дека прво треба да се сработи дома. Тој посочи дека земјава треба да влезе достоинствено во ЕУ. Еден ден, како што кажа, секако ќе бидеме членка на ЕУ, а во меѓувреме треба да најдеме начин како да ја издигнеме нашата економија. Нашата успешност во интегративниот процес, додаде, ќе зависи од нашата дипломатија која треба да биде професионална, а не партиска.

За Таравари приоритет е ЕУ.

– Тоа мора! За сè друго може да се седне, да се поразговара и да се најде решение. Европскиот пат на Македонија е работа за која нема преговори. Тој пат мора да го минеме. Немаме друга алтернатива. Тоа е за доброто на граѓаните, на државата, на политичките партии. Генерално, за сите институции во Македонија, тоа е итна работа што треба да се реши – порача Таравари.

Арбен Таравари конвенција Фото: Таравари Фејсбук

Тема која ги обединува сите претседателски кандидати е борбата против криминалот и корупцијата преку сеопфатен ветинг на политичарите, судиите и обвинителите. За прочистување во правосудството и политиката, кандидатите нудат различни предлози од целосна проверка, и тоа на сите функционери од осамостојувањето до денес, како што предлага Пендаровски, и „тие што не можат да докажат како заработиле милиони, треба да бидат разрешени од функцијата и да бидат во затвор, а не да делат правда или да се натпреваруваат за политички функции“.

Билјана Ванковска/Слободен печат/фото Слободан Ѓуриќ

Ветингот е и еден од столбовите од програмата на Османи, додека ВМРО-ДПМНЕ предлага распуштање на Судскиот совет и на Советот на обвинители. За ветинг се и Јакимовски, Ванковска, Таравари и Димитриевски. Османи најавува и нов Рамковен договор, но во економијата.
Сите кандидати се залагаат за реформи во образованието, здравството и за задржување на младите во земјава, за што, формално, немаат надлежност.

Предлози за промена на Уставот

И додека дел претседателски кандидати се за измена на Уставот во делот за внес на Бугарите, други се со амбиции за покоренито прекројување на конститутивниот акт. Силјановска предлага можност за распуштање на Собранието, да се отстрани прагот од 40 отсто во вториот круг на претседателските избори, да се среди делот за мандатарот за нова влада, областа на локалната самоуправа, воената и вонредната состојба, прецизирање на надлежностите на претседателот, особено помилувањата.

Фото: Слободен печат

Специфика за кандидатите од албанскиот политички блок, пак, Османи и Таравари, е измена на Уставот во делот на избор на претседател на државата. И двајцата кандидати предлагаат шефот на државата да се избира во Собранието со двотретинско и со Бадентерово мнозинство.
Секој од кандидатите се „колне“ дека ќе биде претседател на сите граѓани, натпартиски, дека ќе обединува и сплотува, дека нема да ѝ служи на партијата што го поддржала и дека достоинствено ќе ја претставува државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот