
Уште двајца директори на јавни претпријатија поднесоа оставки
Директорите на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски, и на „Дрисла“ Јане Мицевски дадоа неотповиклива оставка на функциите што ги вршеа.
Препорачано
Како причина за ваквата одлука, досегашниот прв човек на ЈП „Градски паркинг“ ја наведува „незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите“.
– Тимската работа на градоначалникот и на јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните. Дополнително бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи беа експресно „елиминирани“. Значи, тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите што се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај многубројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде што приоритет не се нашите цели и проекти, и каде што нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот – стои во објавата на Бојан Христовски, досегашниот прв човек на ЈП „Градски паркинг“.
Мицевски, пак, како причина за својата оставка го наведува немањето координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај многубројните негови обиди тоа да биде сменето.
– Во такви услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме, туку посветување на приоритетите и проектите што се основна задача. Дополнително „Дрисла“ се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја, кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал досега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради сето ова поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на „Дрисла“ – стои во објавата на Мицевски.
Арсовска: Директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени
Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска информираше дека директорите на ЈП „Дрисла“ и на ЈП „Градски паркинг“ добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.
– Поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Град Скопје, директорите добија понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени. Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери. Скопје мора да биде модерен град, град за сите скопјани – стои во објавата на Арсовска.
Митева: Не сме задоволни од досега сработеното од градоначалничката
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева денес по прес конференцијата беше запрашана од страна на медиумите кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ согласно вчерашните случувања со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
„Причините поради кои функционерите од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа оставки ги видовме во јавноста преку нивните изјави. Но, како партија која го поддржа концептот за модерно Скопје и која застана со поддршка зад независната кандидатура на Арсовска искрено верувајќи во овој концепт, можам да кажам дека не сме задоволни од досега сработеното од градоначалничката и сметаме дека малку е реализирано, а може и треба да се испорачаат многу повеќе резултати кои ги заслужуваат скопјани. Поддршката која ја дадовме на почетокот кон Арсовска е темелена на принципи и секако ние таа ќе ја повлечеме тогаш кога ќе видиме дека тие принципи не се почитуваат”, појасни Митева.
Таа додаде дека поддршката која ја даде ВМРО-ДПМНЕ на почетокот кон Арсовска е темелена на принципи и секако истата поддршка ќе се повлече кога принципите нема да се почитуваат.
„Имено, ова значи дека во иднина само оние проекти, само онаа политика која е во функција на концептот модерно Скопје и која ја поддржуваме ќе биде одобрена и изгласана во Советот и секако ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но исто така ќе го задржиме правото да бидеме жестоки критичари на нејзините политики кои излегуваат надвор од тој концепт ветен пред граѓаните. Искрено, би и порачале на градоначалничката дека наместо неосновани пресметки и упади на прес конференции треба да се започне со проекти и со решавање на потребите на скопјани”, одговори портпаролката.
Арсовска „подзачисти“ меѓу соработниците, ВМРО-ДПМНЕ најави „развод“?
Експресно назначен нов директор на ЈП „Водовод и канализација“
За прв човек на ЈП „Водовод и канализација, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска го назначи Марјан Митовски, откако претходно го разреши досегашниот в.д. директор Златко Перински, пишува СДК. Исто така, Град Скопје има и нов секретар откако Арсовска од функцијата го сменет Ѓоко Велковски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. За нов секретар во Град Скопје е назначен Зоран Глигоров, кој изминативе неколку месеци ѝ беше шеф на кабинет на градоначалничката на град Скопје.
Дудуш: Арсовска ми рече дека може да комуницираме преку службениот мејл на Град Скопје