
Унгарските пратеници ќе гласаат за уставниот амандман за забрана на ЛГБТК+ настани
Унгарските пратеници се подготвуваат да гласаат за уставниот амандман кој многу критичари го сметаат и за прекршување на слободата на собири и правото на изразување, како најнов потег на популистичката влада за ограничување на правата на ЛГБТК+ заедниците.
Препорачано
Уставниот амандман за кој се подготвуваат да гласаат унгарските пратеници, со кој се забрануваат ЛГБТК + настани во заедницата, предизвикува силни реакции кај активистите за права.
Амандманот, кој речиси сигурно ќе биде усвоен во понеделник од двотретинското мнозинство на националистичката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан, трајно ќе ја кодифицира забраната за јавни настани што ги одржуваат ЛГБТК+ заедниците – вклучувајќи ја и популарната парада на гордоста што привлекува илјадници годишно во главниот град Будимпешта.
Амандманот ќе ја кодифицира неодамнешната забрана за Парадата на гордоста, отворајќи го патот за властите да користат софтвер за препознавање лица за да ги идентификуваат присутните и да издаваат казни.
Во текстот се наведува дека заштитата на физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата е приоритет и се гарантира препознавање на само два пола. Оттука, ја дава уставната основа за негирање на други родови идентитети во земјата.
По наводите на Орбан за странско мешање во внатрешните работи на Унгарија, амандманот ќе ѝ овозможи на владата привремено да го суспендира унгарското државјанство во случај на двојни државјани за кои се смета дека претставуваат закана за безбедноста или суверенитетот на земјата.
Унгарскиот Хелсиншки комитет го опиша амандманот како средство за „сеење страв преку закон“ во земјата на ЕУ и додаде во соопштението дека тоа е значајна ескалација на напорите на владата да го потисне несогласувањето, да ја ослабне заштитата на човековите права и да ја консолидира својата контрола на власта.
Реакција и од опозицијата
На сличностите со Русија се осврна и опозициската партија Моментум.
„Како и Владимир Путин, Орбан се обиде да се прикаже себеси како шампион на традиционалните семејни вредности, воведувајќи политики кои вклучуваат забрана на истополовите парови да посвојуваат деца и забрана на какво било повикување на ЛГБТК+ прашања во училишните програми“, нагласува опозицијата.
Партијата на социјалните мрежи апелираше до Унгарците да се приклучат на блокадата на парламентот, сакајќи да го блокираат пристапот на пратениците.
„Ајде колективно да ги спречиме да нè водат по патот на Путин и да ни ја одземат слободата“, додаваат од Мементум.
Уставниот амандман се очекува да биде одобрен речиси еден месец по усвојувањето на законот со кој се забрануваат јавни настани на ЛГБТК+ заедниците. Законодавството предизвика силни реакции од илјадници луѓе, кои неодамна одржаа протести, блокирајќи мостови и големи автопати.