„Не умираме од несреќи, умираме од корупција“ - маица дизајнирана од штипскиот креативец Давид Манев со поддршка од текстилната компанија „Еам“

„Умираме од корупција“: Штипскиот креативец Давид Манев и „Еам“ дизајнираа маица по трагедијата во Кочани

Младиот креативец Давид Манев со потекло од Штип, кој во моментов студира и работи во Милано, Италија, досега има дизајнирано неколку парчиња облека со кои ни го привлече вниманието. Тој е дизајнерот на една од најсимпатичните македонски кошули, на која се испишани стиховите од рефренот на евергринот на Тоше Проески „Твоите бакнежи на моите бели кошули“. Кошулата беше промовирана годинава на датумот на роденденот на прерано загинатиот македонски музичар, 25 јануари, а штом ја забележавме, ја споделивме со нашата инстаграм-публика, која беше воодушевена од едноставноста на дизајнот на кој е истакната моќта на зборовите, испишани на бела кошула, токму како што пееше Тоше во песната со која почна неговата кратка, но ненадминлива кариера.

Кошулата инспирирана од стиховите на Тоше

Давид ги споделува своите креации на личниот инстаграм-профил, а неодамна сподели дизајн на маица со натпис инспириран од трагедијата во Кочани во која 62 млади луѓе го загубија животот, меѓу кои и петмина млади сограѓани од Штип. Тој за „Слободен печат“ раскажува како ја создал маицата со натпис „Не умираме од несреќи, умираме од корупција“.

– Кога првпат ја слушнав веста за трагедијата во Кочани околу 11 часот на 16 март, првата мисла ми беше: „Како можам да им помогнам на моите луѓе“, но се чувствував немоќно како Македонец што студира во странство. Тоа чувство ме прогонуваше и беше многу исцрпувачко. Првите неколку часови бев изгубен. Тоа беа едни од најтешките моменти што сум ги доживеал како студент во странство досега.

Се обидував да останам смирен, но нешто во мене не ми дозволуваше само да седам во тишина и да тагувам, чувствував огромна потреба да изразам како се чувствувам и како се чувствував веќе некое време, за тоа како функционираат работите дома – вели тој.

Давид е и сопственик на бар во Штип, во кој неретко се организираат различни настани, па креативноста го споила и со бендот „ДНК“. Обземен од емоции, имал потреба да го сподели тоа што чувствува.

– Како некој од Штип што соработуваше со ДНК речиси две години пред да се отселам, ситуацијата ми делуваше нереално. Да знаеш дека луѓе со кои си споделил многу смеење и убави спомени сега ги нема или се тешко повредени, е чувство за кое не бев подготвен. Лично ги познавав сите што починаа од Штип, а и многу луѓе од Кочани.

Како што течеше времето од 16 март, потребата да кажам како се чувствувам стануваше сè потешко да се контролира. Се чувствував нервозен и гневен. Сметав дека имам одговорност да кажам како се чувствувам, не можев и не сакав да молчам.

Инспирацијата за текстот на маицата ја добил еден месец пред трагедијата во Кочани, од транспарент што го забележал на протестите за трагично загинатата Фросина Кулакова.

– Решив да направам дизајн за маица. Тоа е она што најдобро знам да го правам. Медиумот во кој се заљубив кога имав 14 години и платното што најчесто го користам оттогаш. Тоа беше интуитивен потег, едноставно го отворив лаптопот и апликацијата „Илустратор“ и почнав да работам. Се сетив на зборовите од транпарентот што го видов ден претходно, на слика од протестите за трагичната смрт на Фросина, само еден месец пред трагедијата во Кочани.

Причината зошто ги искористив токму тие зборови е затоа што верувам дека проблемот постоеше и тогаш, постои сега и веројатно ќе постои уште долго. Тоа е тажна мисла и често се наоѓам во ситуација во која барам „решение“ за неа, но не е баш најуспешно – вели Манев.

Откако младиот креативец го споделил дизајнот во јавноста и добил реакции, со поддршката од пријателите и соработници од познатата штипска фабрика за текстилни производи „Еам“, ѝ дале живот на маицата.

– Кога ја објавив маицата на Инстаграм, многу луѓе ја споделија објавата, што ми покажа и дека многумина се согласуваат со пораката. Сакав да ѝ дадам вистинска форма и да им дадам шанса на луѓето што се соживуваат со неа, да ја претстават на оној начин како што првично беше замислено.

Моите драги пријатели и соработници „Еам“ од Штип, без двоумење ми ја поддржаа идејата и се согласија да изработат 200 маици, со кои заедно ги поделивме на сите што се согласија со она што го пишува на маицата и сакаат да ја шират пораката што заслужува внимание – вели нашиот соговорник Давид Манев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот