Монмартр / Фото: Profimedia

ФОТО | Уметност, слобода и бунт: Монмартр, место во Париз по чија калдрма чекореле најголемите уметници на сите времиња!

Секој пат кога се набројуваат атракциите на Париз – сите знаменитости и места што задолжително треба да се видат во градот на светлината, љубовта и модата – славниот уметнички рид Монмартр секогаш е при врвот, пишува „Путни кофер“.

Сонлив, неконвенционалн, боемски, уметнички и бунтовен – овој рид е еден од најпознатите во француската престолнина. Ова е сè што треба да знаете за париската населба по чијашто калдрма некогаш чекореле некои од најголемите уметници на сите времиња!

Монмартр како највисоката точка на Париз

Дека е посебен, покажува уште неговата местоположба. Монмартр е сместен на највисоката природна точка на Париз. Со своите 130 метри надморска височина, само Ајфеловата кула, изградена од човечка рака, е повисока. Затоа, Монмартр е вистински крал на панорамските погледи на Париз, но тоа не е неговата единствена посебност. Потеклото на неговото име е нејасно. Постојат две теории – според едната, името доаѓа од „Монс Мартис“, што значи „Планина на Марс“. Втората теорија се поврзува со Свети Дионисиј Париски, првиот бискуп на Париз, кој бил обезглавен тука во 250 година – според оваа верзија, името потекнува од „Ридот на мачениците“.

Фото: Zoonar/Christian Mueller, Zoonar GmbH / Alamy / Profimedia

Прекрасната базилика на Светото срце

Една од централните точки на ридот, како и една од неговите најголеми атракции, е црквата „Сакре Кер“, односно базиликата на Светото срце. Бидејќи е изградена на врвот на ридот, таа е видлива од секој дел на Париз. Изградена е кон крајот на 19. век, а на неа работеле дури шест архитекти. Дом е на најголемиот мозаик во Франција, кој зафаќа површина од 480 квадратни метри. Но, најинтересен е материјалот од кој е изградена – камен кој, кога ќе се намокри, ослободува калциум, па така со секој дожд станува сè побела. Во нејзина близина се наоѓаат и најстарите гробишта во Париз, кои датираат од 1688 година, иако се верува дека таму се вршеле погреби уште во 7. век.

Базиликата на Светото срце / Фото: Natalia Varlei / Alamy / Profimedia

Има „селски шарм“ среде град

Монмартр е посебен и по тоа што го задржал „шармот на селото во срцето на метрополата“. Денес, тука има градини, а во неа се наоѓа и единствената преостаната винарија во Париз – „Кло Монмартр“, на северната страна на ридот. Во минатото, изгледала сосема поинаку – ридот бил покриен со десетици ветерници, од кои денес постојат само две – „Мулен Раде“ и „Мулен де ла Галет“.

Фото: Giancarlo Liguori / Alamy / Profimedia

Дом на најпознатата „ветерница“ во Париз

Но, најпознатата ветерница тука, а можеби и во целиот Париз, е онаа што го краси светски познатиот „Мулен Руж“ – еден од најстарите активни кабареа во Европа. „Мулен Руж“ е производ на атмосферата што некогаш владеела во Монмартр – опуштеност, разновидност и слобода што привлекувала уметници, како и луѓе што барале нешто поинакво. Корените на ова кабаре датираат од 1889 година, кога функционирал како сала за танц, но оригиналната градба изгорела во 1915 година. Повторно е изградена и работи до денес како симбол на уметничката и боемска сцена, но и на забавата и возбудувањата.

Фото: Mikel Bilbao Gorostiaga / VWPics / Profimedia

Бунтовничкиот карактер на ридот кој го прегрнал различното

Монмартр е познат и по својот бунтовнички дух. Официјално станал дел од Париз дури во 1860 година, а дотогаш бил самостојно село. Како место што секогаш ги прифаќало различностите со отворени раце, имал поинаков карактер од останатиот дел од градот. Во 1871 година, неговите жители дури и се побуниле против локалните власти и формирале своја независна заедница – „Ла Комун“. Оваа управа траела само три месеци, но била јасен показател на нивниот дух. И денес, Монмартр важи за „различен“ кварт, каде уметноста, слободата и неконвенционалниот начин на живот сè уште се дел од секојдневието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот