Авторката Славица Јанешлиева и кураторката Ана Франговска во Венеција

Уметничко биенале во Венеција: Соочување со чувството да си странец

Mакедонскиот павилјон на 60. Венециско биенале, со проектот „Inter Spem et Metum“ на ликовната уметница Славица Јанешлиева, официјално е отворен од 18 април во објектот „Скуола деи Ланери“ во Венеција.

Трансмедијалниот и транснаративен проект „Inter Spem et Metum“ на Славица Јанешлиева е национален претставник на 60. Уметничко биенале во Венеција. Носител на проектот е НУ Национална галерија на РСМ, комесар е д-р Дита Старова Ќерими, директор на НУ Национална галерија, а куратор е д-р Ана Франговска, кустос советник во НУ Национална галерија.

Основниот концепт на проектот на Јанешлиева трага по одговори на прашањата: Mожеме ли зборот „убавина“ да го замениме или израмниме со зборовите почит, слобода, љубов, толеранција, прифаќање? Можеме ли да прифатиме некого поради сето она што тој/таа/тоа е и затоа што го познаваме суштински?

– Проектот претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација која нѐ фрла во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин. Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева нѐ впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде нѐ соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас.

Поточно таа нѐ соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените квалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување… Нѐ соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура, самокритика, заради наметнатите очекувања.

Сепак, да се биде различен носи потенцијал и за трансформација. Исто како и во природната селекција, мутацијата ја зголемува веројатноста дека ќе се случи или неуспех во адаптацијата или дека се појавила нова варијанта која е посупериорна од она што било претходно. Или некој би можел да ја објасни трансформативната моќ на различното како што произлегува од психолошката болка и страдање кои се различни причини од кои може да се црпи инспирација и мотивација за издигнување над осудата и острацизмот што различноста од другите ги предизвикува – стои во кураторското објаснување на концептот на проектот.

Уметничкото биенале во Венеција свечено се отвора на 20 април и ќе трае до 24 ноември оваа година. Генералната тема е со наслов „Странци насекаде“, а куратор е Адриано Педроса. Македонскиот павилјон е поддржан од Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 227, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот