
Уметнички активизам за подигнување на свеста против родовото насилство со танцов перформанс
Културниот центар „Интерарт“ во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, ја најавува Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ – „Dancing (Talking)Table“, чие претставување низ земјава, како активистички проект се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Националната мрежа против семејно насилство и локални партнери од десет градови во Македонија, кои се занимаваат со темата на родова еднаквост и родово базирано насилство.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Турнејата започнува во настан во Куманово на 22 март 2023 година и опфаќа десет градови од земјава, каде ќе се разговара за родовата еднаквост и семејното насилство, а низ уметнички активизам ја подигнува свеста за овој огромен проблем во општеството.
Во партнерство со Домот на културата во Куманово и Хуманитарното здружение „Мајка“, кое значајно придонесува во справување на проблемите на младите и ранливите категории во Куманово, на 22 март ќе се одржат два настани, едниот со фокус на младите, каде во просториите на ОСТУ „Наце Буѓони“ ќе се одржи дискусија за родовото насилство меѓу младите, и вториот, кој ќе се одржи во Домот на културата во Куманово, каде ќе биде презентиран уметничкиот перформанс и проекција на филмот „Простор за разговор“.
Турнејата ќе продолжи на 24 март во Штип, каде во просториите на Мултимедијалниот центар на УГД, ќе се одржи средба и разговор со младите штипјани, а потоа во Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе биде изведен танцовиот перформанс и ќе има проекција на филмот „Простор за разговор“.
Гостувањето во Штип се остварува во соработка со ЕХО – Едукативно хуманитарна организација – Штип, која се занимава со родова еднаквост, човекови права и подобрување на социо-економската состојба на граѓаните.
Перформансот „Простор за разговор“ својата премиера ја имаше на 26 ноември 2022 година во „Мала станица“ во Скопје, и за таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата, преку современа танцова претстава и филм на истата тема. Во танцовиот перформанс и во филмот учествуваат танчерите на Скопје танцов театар и студентите на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, известија од културниот центар „Интерарт“.