
Учеството на грчките уметници на „Остен Биенале Скопје 2024“ е можност за нови мостови на културна соработка
Канцеларијата за јавна дипломатија при Амбасадата на Грција во Скопје на 24 февруари организираше кураторска тура низ изложбата на „Остен Биенале Скопје 2024“, која е поставена во објектот Чифте амам при Националната галерија во Скопје. Претставници од грчката Канцеларија и новинари од повеќе медиуми имаа можност одблиску да се запознаат со наградените дела и автори на Биеналето, а низ изложбата ги водеше кураторката Корнелија Конеска од „Остен“.
Препорачано
Акцент во турата беше ставен на значајното учество на дела од грчки автори во рамки на изложбата. Целта на турата беше да се отворат можности за воспоставување нови мостови на културна соработка помеѓу двете држави.
На изложбата „Остен Биенале Скопје 2024“ повеќе грчки уметници влегоа во финалниот избор, а дел од нив добија и награда. Уметникот Пантелис Цацис ја доби наградата „Златен остен“ за делото со наслов „Апстракција“. Тој е роден во Серес во 1952 година и е активен во областа на уметноста како уметник (од 1968 г.), а паралелно и како галерист и како организатор на изложби и други уметнички настани. Денес е уметнички директор и основач на саемот за современи уметности „Арт Тесалоники“ во Солун.
Посебно признание од жирито доби Тодорис Трампас, млад визуелен и перформанс-уметник чии дела веќе се препознаени во Грција и во странство. Роден е во 1991 година во Девонпорт, Австралија, а потекнува од Серес, Грција. Се занимава главно со сликарство, што го навело до телесно изразување преку импровизација и до инсталација на лице место, особено со перформанс-уметност.
Посебна награда од „Остен“ за групно претставување доби уметничката група БАФ (BUFF), која на изложбата се претстави со делото „Сенката на светилникот“. БАФ се група од 20 грчки уметници кои и претходно соработувале, а основната карика која ги спојува е страста за уметноста. Тие дејствуваат во различни делови на Грција, главно во Атина и во Лерин. За својата уметност велат дека е иновативна, експресивна и трансформативна. Она што ги движи е љубопитноста и желбата за експресија на емоциите користејќи визуелни елементи.

Меѓу финалистите на изложбата се и тандемот Софија Антонакаки и Харис Кондосфирис, кои се претставија со колаборативната визуелна инсталација со наслов „Прометеј, мало дете на Кавказ“, додека уметничката група „Оклезис (Вознемирување)“ се претстави со проектот „Инциденти во историјата“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 270, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.3.2025)