
Уапсен педофил кој нарачувал силувања на деца и ги следел преку интернет
Француската јавност е згрозена по објавата на обвинителството во Париз дека службеник од градската администрација во Бордо е уапсен под сомнение дека плаќал за сексуални злосторства врз деца.
Препорачано
Според „Ле Фигаро“, осомничениот, кој засега не е официјално именуван, финансирал силувања на малолетници на Мадагаскар и во Колумбија, со сума што надминува 10.000 евра. Злосторствата се извршувале од јануари 2022 до почетокот на 2025 година, а тој ги следел преку интернет.
Случајот бил откриен по дојава до Одделот за специјални истраги во Жиронда, по што бил префрлен во надлежност на Канцеларијата за борба против криминал против малолетници (OFMIN).
Претресите во неговиот дом и канцеларија, како и дигиталната анализа на компјутерите, откриле докази за серија тешки кривични дела. Иако неговата службена позиција не подразбирала контакт со деца, обвинителството посочува дека се пронајдени материјали кои директно го поврзуваат со педофилска мрежа.
Осомничениот не е обвинет само за злосторства во странство. Против него се води и постапка за дела извршени во Бордо – соучество во трговија со малолетни лица под 15 години, кои станале жртви на силување и сексуален напад, како и за поседување детска порнографија.
Случајот отвори нова дебата во Франција за ефикасноста на системот за надзор и за глобалната природа на онлајн педофилските мрежи, кои често ги користат најслабо заштитените категории деца во сиромашни земји.