
Турскиот театар со претставата „Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани ги открива вистинските вредности на (со)животот
Турскиот театар во Скопје на 13 декември, на малата сцена во Театар „Центар“ (Театар Комедија), премиерно ја изведе претставата „Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани. Претставата е поставена според текстови од делата „Слепци“ на Морис Метерлинк и „Погубни идентитети“ на Амин Малуф.
Препорачано
– Ова е спој на две литературни идеи, како што се делата на М. Метерлинк и А. Малуф. Единаесет слепи ликови, фрлени во просторот, се трудат да го најдат патот, да се вратат назад. Но, одвреме-навреме тие се оттргнуваат од физичката слепост и влегуваат во лавиринтите на потрагата по самите себеси. Притоа, одново доживуваат моменти од нивниот живот. Овие ликови ќе ве натераат да живеете заедно со нив, да си поставите прашања, но и да најдете одговори за убавината на физичките и идентитетските различности на сите живи суштества кои живеат во овој заеднички свет. Свет, каде различноста е токму најубавата страна на привремениот живот што го живее секој човек – посочува режисерот Ќендрим Ријани.
Главна порака на претставата е рушењето на политичките, верските, етничките и сите други возможни бариери кои ги разделуваат луѓето. Режисерот Ријани, кој веќе е познат по користењето на неконвенционален театарски простор, притоа рушејќи ја бариерата помеѓу актерите и публиката, во Турскиот театар наоѓа плодна почва за реализација на својата идеја. Во средина каде што се зборуваат повеќе јазици и претставата се подготвува со употреба на турски, македонски и албански јазик, тој успева да воспостави заедничка точка на разбирање и пораката ја заокружува со идеална, безвременска љубов.
Во колективната игра, која е уште една специфика на режисерската работа на Ријани, учествуваат Џенап Самет, Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Сузан Акбелге, Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Зубејде Али, Инес Радончиќ и Един Јакуповиќ.
Во драмските предлошки суптилно се вметнати документарни монолози на актерките и актерите, кои своите лични животни искуства ги споделуваат со публиката како примери на нетолеранција, но и како поука за вистинските вредности на (со)животот.

Во претставата се користи фантастична музика од Емрах Џемаили, а на повеќеслојните костими работеа Медина Хоџа и Маја Ѓуреска.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 261, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.12.2024)