
Турски експерти ќе го кројат планот за Чаир на Меџити
Турски тим експерти, предводен од Бајрам Вардар, е вклучен во изработката на развојниот Мастер план на кандидатот за градоначалник на Чаир, сегашниот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Препорачано
Во соопштението до јавноста се истакнува дека нивното знаење во областа на урбанистичкото планирање, архитектурата и просторното управување ќе донесе современ и одржлив визионерски пристап за општината, а притоа се наведуваат и дел од експертите што ќе бидат дел од тимот на меѓународно афирмираниот архитект.
„Во групата експерти, меѓу другите, се наоѓаат: Надир Доган, урбанист со диплома од Универзитетот ‘Гази’, основач на компанијата ND İMAR A.Ş. и експерт за изработка на просторни планови на голема скала за градови како Истанбул, Бурса, Кожаели и Трабзон, како и за многу проекти за урбана трансформација; д-р. Мустафа Тутар, архитект дипломиран на Техничкиот универзитет во Истанбул, магистер од Универзитетот Мисури во САД, со докторска титула во областа на урбанизмот. Тој е универзитетски професор и основач на компанијата ‘Saydam Tasarım’, со повеќе од 800 меѓународни проекти во областа на архитектонскиот дизајн и визуелизација“, се наведува во сопштението.
Покрај нив, во тимот учествуваат и други експерти од Турција, кои заедно со локални урбанисти и архитекти ќе придонесат во изработката на Мастер план кој има за цел да го позиционира Чаир како модел на одржлив развој во Скопје, стои во соопштението.
Порано овој месец на неговиот профил на Фејсубк, вицепремиерот Меџити го објави името на светски познатиот архитект од Турција, кој ќе биде дел од тесниот круг на соработници кој веќе работи на новиот концепт за урбан развој на Општина Чаир.
„Слично на Истанбул или на Бурса, предизвиците и тука во Чаир се слични. Ние сме биле и во Барселона, и тој град претрпе реновирање. Ние ќе изработиме Мастер план за Чаир, заедно со граѓаните, а и дополнително ќе изработиме план за имплементација. Потоа ќе ги развиеме и столбовите на овој Мастер план“, вели Вардар во видеото од разговорот со Меџити.
Бајрам Вардар бил член на тимот на Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот мандат како градоначалник на Истанбул, а исто така ја извршувал функцијата главен урбанист на Бурса, со што имал значајна улога во урбаниот развој на овие два големи града. Тој потекнува од албанско семејство од Скопје.