Донер/ Фото: BILDAGENTUR-ONLINE/MCPHOTO-SCHULZ / Sciencephoto / Profimedia

Турција се откажa од обидот да наметне правила за подготвување на донерот во Европа

Турскиот обид Европската Унија да наметне строги правила за подготовка на донер ќебапи беше повлечен по бранот приговори, пренесува Би-Би-Си.

Доколку предлогот за етикетата „Традиционален гарантиран специјалитет“ беше усвоен, ќе беа воведени строги критериуми во врска со видовите месо, методите на сечење и маринадите.

Германската индустрија за донер би страдала најмногу, бидејќи таму овој специјалитет, кој со децении се продава на улиците, се развил во специфична форма, сосема различна од турскиот оригинал.

Турските власти тврдеа дека донерот е национално јадење кое се проширило во Европа преку миграцијата на Турците. Но, германските власти рекоа дека нивниот ќебап станал дел од домашната кујна.

Според Меѓународната федерација на донери на Турција, традицијата на печење месо на вертикална скара датира од 16 век, а самото име донер е поврзано со овој метод на подготовка.

Федерацијата побара од ЕУ унифицирани правила: месото мора да биде говедско постаро од 16 месеци, јагнешко постаро од шест месеци или пилешки гради и батаци, телешкото и мисиркиното месо ќе бидат забранети, месото мора да се сече на дебелина од 3 до 5 мм
дури и видот на ножот и рецептите да бидат строго наведени.

Сепак, германскиот донер често користи телешко месо и се служи во лепче исполнето со зеленчук како што се црвена зелка, кисели краставички и кромид, со различни сосови, варијација што потекнува од Европа и од многумина се смета за германско јадење.

Германското Министерство за земјоделство минатата година изјави за Би-Би-Си дека го примило турскиот предлог „со значително изненадување“. Поранешниот министер Џем Оздемир, политичар од турско потекло, рече дека во Германија секој може да одлучи како да јаде донер, без правила од Анкара.

„Донерот ѝ припаѓа на Германија“, истакна тој.

Само во Германија има повеќе од 1,5 милиони турски граѓани и речиси исто толку од турско потекло.

Според Здружението на турски производители на донер во Европа, околу 60.000 луѓе се вработени во индустријата, произведувајќи околу 400 тони донери дневно.

Годишната продажба на донери генерира околу 3,5 милијарди евра (3 милијарди фунти) низ цела Европа, вклучувајќи 2,4 милијарди евра само во Германија.

Турската федерација ја извести Европската комисија дека ја повлекла својата понуда на 23 септември. Нејзината апликација привлече голем број приговори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот