
Три документарни филмови од школата на „МакеДокс“ ќе имаат проекција во „Синдикална култура“
Во кафе-барот „Синдикална култура“ во скопското Дебар Маало на 6 февруари, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на три документарни филмови, селектирани од филмската работилница за млади автори „ДокуНикулци“, а одржана во рамки на филмската школа на „МакеДокс“.
Препорачано
Под мотото „Отворете го вашето срце, стоплете се со топла пијачка, видете приказни кои ќе ве потсетат на солидарност“, синдикалците заедно со креативниот тим составен од режисерката Розе Симоновска, монтажерката Леа Димитрова и актерката Билјана Јовановска, ќе претстават три краткометражни документарни филмови од млади автори кои беа дел од втората генерација на „ДокуНикулци“. Влезницата на проекцијата ќе биде на база на донација или храна, која наредниот ден се носи во просториите на „Ретвитни оброк“.
На настанот ќе бидат прикажани филмовите „Лог Аут“, „Скопска ситуација“ и „Палец горе“.
„Лог Аут“ е метафоричкото име на човек кој сака да се одлогира од околината за да може да го оствари тоа што си го замислил за себе. Филмот е визуелна перспектива на неговиот живот и начинот на којшто отстапува од обичните социјални кругови. Луѓето околу него се зачудени од неговата детерминираност кон неговите страсти, а тој тоа го нарекува личен повик. Но, може ли нечија детерминираност да се претвори во проблем за другите? Режијата и сценариото на филмот се на Рамона Моња Кочишка.
Преку анализа на текстот на песната „Скопска ситуација“ може чисто да се види сликата на некои длабоки корени во македонското општество. Младиот рапер Матеј Милутин нѐ воведува во животот на младите во Македонија, додека Гоце САФ зборува за легендарната песна. Групата средношколци, кои го анализираат текстот, додаваат дека „Сите се жалат, но никој не се обидува нешто да смени“. Како заклучок се поставува прашањето „Што стварно ни е потребно нам?“ Режијата и сценариото на филмот се на Анастасија Павловска.
Приказната во „Палец горе“ следи три млади луѓе – Кристи, Марија и Бојан. Сите се различни на свој начин, но се поврзани преку љубовта кон автостопот. Во филмот ги гледаме нивните приказни полни со возбуда, забава, опасност, но, исто така, и со поривот за слобода и ескапизам од баналните аспекти на секојдневниот живот. Режијата и сценариото на филмот се на Марија Матеска.