
ТРГНИ-ЗАСТАНИ: Со 6 патарини од Скопје до грчка граница?!
Нови патарини ќе никнат на македонските автопатишта. На последната седница Владата донесе одлука за висината и начинот на наплата на патарините што ќе бидат поставени на новите автопатни правци Демир Капија – Гевгелија, Миладиновци – Свети Николе и Свети Николе – Штип.
Препорачано
Овие патарини не се новост, односно беа најавени уште кога почнаа да се градат новите автопатишта. Според најавите од пред две години, на автопатската делица Демир Капија-Смоквица е предвидено да бидат поставени дури три патарини, а на автопатот Миладиновци – Штип е предвидено да бидат поставени две наплатни станици.
Владата по последната седница излезе со скромно соопштение без да прецизира колку ќе бидат цените на новите патарини и колку нови патарини дефинитивно ќе има.
Но сега е веќе извесно дека во блиско време, од Скопје до границата со Грција ќе треба често да се застанува и да се плаќаат патарини. Притоа, ако е во игра првичната најава станува збор за дури 6 патарини! Од Скопје до грчката граница ќе треба да се помине на патарината кај Петровец, кај Велес, кај Росоман и треба да се помине низ новите патарини на автопатот Демир Капија – Смоквица, од кои една веќе се гради.
Од Скопје до Штип, пак, ќе се патува преку 3 патарини.
Од Владата соопштија:
„Владата ја разгледа и ја усвои информацијата согласно која е донесена Одлука за висината и начинот на наплата на надоместокот за употреба на пат, односно на патарината. Оваа одлука се донесува поради воведување наплата на патарина на новите автопатни правци Демир Капија –Гевгелија, Миладиновци – Свети Николе, и Свети Николе – Штип, како и поради можноста за електронска наплата на патарината со електронски бесконтактни смарт-картички и со билети за ненаплатена патарина со налог за плаќање“ – соопшти Владата.
Оттаму информираа и дека за финансирање на Проектот за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини во должина на Коридорот 8 и автопатот Миладиновци – Штип ќе се склучи договор меѓу Европската банка за обнова и развој и Јавното претпријатие за државни патишта.
Инаку, минатата година во државната каса од наплата на патарините се инкасирани 40,5 милиони евра што е за 5 проценти повеќе од претходната година. А во првиот квартал од годинава се наплатени 7,7 милиони евра.
Во моментов низ државава има 9 патарини. Цените за патнички возила се: на делницата Куманово – Миладиновци – 60 денари, Скопје – Петровец – 40 денари, Петровец – Велес – 80 денари, Велес – Градско – 60 денари, Скопје – Миладиновци – 40 денари, Тетово – Гостивар – 30 денари, Гостивар -Тетово – 30 денари, Скопје – Тетово – 40 денари, Тетово – Скопје – 40 денари.
Вкупната автопатска мрежа во Македонија е долга 270 километри. Со тоа земјава има приближно 11 метри автопат на илјада квадратни километри или околу 130 метри на илјада жители.
Од вчера може да се вози по новиот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека е пуштен за сообраќај во двата правца.
Оттаму апелираат до сите корисници да ја почитуваат поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.