Тргна гласачкиот материјал од Битола

Под силно полициско обезбедување денеска, рано изутрина од печатницата „Киро Дандаро” во Битола, во присуство на  претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски и останатите  членови на ДИК, тргна гласачкиот изборен материјал за претседателските избори до сите 80 општински изборни комисии.

– Процесот на изработка на доверливиот  избирачки материјал траеше околу 10 дена. Се работеше секој ден по 24 часа под  24-часовен мониторинг на  Државната изборна комисија и ОБСЕ . Испечатени се околу 1.800.000 ливчиња. На самото ливче има околу 20 заштитни  знаци, кои се претходно договорени во тендерската документација со ДИК. Истите се печатени на  германска машина со висок квалитетет. Дистрибуцијата  на изборниот  материјал се спроведува според претходно договорен протокол со ДИК и сите изборни единици во државата и странство – изјави директорот на печатницата „Киро Дандаро”  Битола, Пеце Милошевски.

Александар Даштевски претседател на ДИК лево и Пеце Милошевски директор на печатницата „Киро Дандаро“/ Фото: Слободен печат/ Васка М. Младеновска

        Процесот на дистрибуција на изборниот материјал го набљудуваше  комплетната Државна изборна комисија, предводена од претседателот Александар Даштевски.

 -Денеска дојдовме во Битола да го земеме доверливиот изборен материјал. Имаме  17 тимови за истиот да биде поуспешно распореден и брзо дистрибуиран во општинските изборни комисии.  Тоа е едно од последните дејствија пред изборите. Пред нас останува најважното дејствие – предавање на изборниот материјал до изборните општински комисии, до избирачките  одбори коешто е многу чувствително  и мора да се спроведе во најдобар ред, бидејќи може да предизвика одговорност во општинските изборни комисии. Сите останати дејствија од роковникот ги спроведовме. Печатењето на изборниот материјал беше во најдобар ред. Наш тим, предводен од раководителите  го контролираше сите денови по 24 часа  и истото се одвиваше по Избирачкиот список, изјави Даштевски.

Пренесување на гласачкиот материјал од печатницата „Киро Дандаро“/ Фото: Слободен печат/ Васка М. Младеновска

Според него, до вечер доверливиот изборен материјал ќе биде дистрибуиран до сите 80 општински комисии. Инаку, за претседателските избори отпечатени се  вкупно 1.814.000 ливчиња, колку што се евидентирани гласачи во Избирачкиот список.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот