Плакат за изложбата „Професори и студенти“

Третото издание на изложбата „Професори и студенти“ ќе се одржи во МКЦ

Во организација на Младинскиот културен центар и со поддршка на Град Скопје од 17 до 30 јуни ќе се одржи третото издание на групната изложба „Професори и студенти“.

На изложбата учествуваат професори и студенти од Факултетот за дизајн и мултимедија при Американскиот универзитет на Европа, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, Факултетот за уметност и дизајн при Интернационалниот Балкански универзитет – Скопје, Универзитетот „Мајка Тереза“, Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот во Тетово.

Со наслов „Ехо на минатото – одек на иднината“ воведен текст за изложбата напиша историчарот на уметност проф. д-р Кирил Пенушлиски.

– Изложбата „Професори – студенти“, која оваа година по третпат се одржува во просториите на Младинскиот културен центар во Скопје, претставува значаен уметнички и образовен настан што ја презентира и разгледува врската меѓу менторите и младите уметници. Со заедничко изложување на дела на професорите и нивните студенти, во изложбената галерија на МКЦ се создава простор за дијалог во кој се испреплетуваат искуството и иновацијата, традицијата и современите уметнички тенденции, методологијата и слободата на изразување.

И ова издание на изложбата „Професори – студенти“ обединува веќе признати уметници, како и нови, идни таленти. Учесници на изложбата се повеќе од 50 професори и студенти од осум важни високообразовни институции во Македонија.

Учесниците се претставени со дела изработени во различни уметнички техники, вклучувајќи сликарство – масло и акрилик, цртеж, скулптура, дигитални медиуми, моден и внатрешен дизајн, фотографија и инсталација. Ова обединување на различните уметнички дисциплини ја рефлектира богатата и разновидна сцена на современата македонска уметност. Дополнително, тоа и е јасен показател за мултидисциплинарниот карактер на современото уметничко образување во Македонија, кое ги охрабрува студентите да се вклучат во уметничкиот дискурс со различните традиционални и современи уметнички форми и медиуми – напиша Пенушлиски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот