
Трет натпревар и трет пораз: Кошаркарите ги загубија сите шанси за пласман на Светското првенство во 2026 година
Кошаркарската репрезентација на Македонија ги загуби и последните надежи за пласман во следната фаза од претквалификациите за Светското првенство 2027, откако вечерва беше поразена од Романија со 79-66. Ова е трет пораз во исто толку натпревари, по кои нашите кошаркари остануваат заковани на дното на табелата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Претстојниот натпревар со Унгарија во Скопје ќе биде само формалност и без резултатско значење.
Селекторот Марјан Илиевски направи неколку измени во ростерот за овој натпревар. Миловановиќ и Василевски добија поголема шанса и улога во сениорскиот состав, додека Мекиќ отпадна поради повреда. Македонија успеа да биде рамноправна со домаќините само во воведните минути (11-11), по што Романија направи клучна серија и поведе со 19-11. Првата четвртина заврши со 26-19 во нивна корист.
Вториот период донесе обид на нашите да се вратат во игра, но без реална закана по резултатот. Неколку прецизни тешки шутеви на Романците пред крајот на полувремето донесоа и двоцифрена предност (45-34), која домаќините успеаа да ја одржат речиси до самиот крај. Македонија имаше краток блесок во последната четвртина, кога се доближи на само три поени негатива (64-61), но немаше сили за целосен пресврт. На крајот, Романија заслужено славеше со +13.
Најефикасен во нашите редови беше Џејкоб Вајли со 19 поени и 9 скока, Андреј Магдевски додаде 15 поени, додека Андреј Митревски заврши со 11 поени. Кај домаќините, најдобар беше Стефан Грашу со 20 поени.