
Тренерот на МЗТ, Атанасов: За реваншот против Широки ќе се подготвуваме како да е 0:0
Тренерот на кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, разбирливо беше пресреќен по синоќешната убедлива победа над Широки (85:69) во првиот четврт-финален плејоф меч од АБА2 лигата, која носи голема шанса за место меѓу четирите најдобри екипи.
Препорачано
Но, работата не е завршена бидејќи има и реванш следната среда во Босна и Херцеговина, за што е свесен и стратегот на актуелниот македонски шампион, кој ја „спушта топката“ и најавува смирување на еуфоријата сѐ додека не биде остварена конечната цел.
– Задоволен сум од играта, особено во второто полувреме во кое дојдовме до посакуваната разлика дури и без Ејасу Ворку (играше само четири минути) и Бојан Крстевски, кои беа повредени. Ништо од ова немаше да се случи без фанатичната поддршка од трибините, на што им се заблагодарувам на нашите навивачи.
Предноста веќе ништо не ни значи, бидејќи за реваншот ќе се подготвуваме како да почнуваме од 0-0. Верувам во своите момци и мислам дека можеме да продолжиме во ваков ритам, секако со претходно одработување на задачата во македонското првенство – изјави Атанасов.
МЗТ пред вториот меч против Широки ќе ги одмери силите со Гостивар в сабота (13 април) на домашен терен од 18.00 часот во вториот дуел од четврт-финалето од плејофот во Македонија, во кој води со 1:0 и кој се игра до три победи.