
Тренерот на Левски, Костов: Немаме право да го потценуваме Шкупи
Утре, в четврток од 19.00 часот (20.00 по локално) во Софија на распродадената „Герена“ ќе се игра реванш натпреварот од второто квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу Левски и Шкупи.
Препорачано
По првиот меч во Скопје Бугарите имаат предност од 2:0 и се поблиску до пласман во следната фаза. Тренерот на Левски, Николај Костов ги сподели очекувањата во пресрет на возвратниот дуел.
– Се надевам дека ќе пристапиме многу сериозно против противникот, немаме право да го потценуваме Шкупи. Теренот од првиот натпревар не влијаеше само на нашиот тим, туку и на нивниот. Имаат многу технички играчи кои знаат како да комуницираат во средниот ред. Таму се најсилни. Имаат добар напаѓач кој од празни простори доста брзо шутира. Ќе пристапиме многу професионално – вели Костов.
Стратегот на Левски се радува што стадионот ќе биде полн и неговите играчи ќе ја имаат потребната поддршка, а воедно се надева дека нема да има никакви провокации.
– Мораме да бидеме малку попрагматични бидејќи имаме два гола предност од првиот натпревар, да не му даваме можности на противникот. Тоа не значи дека ќе играме само во одбрана. Мило ми е што стадионот ќе биде полн. На нашите фудбалери им е потребна оваа поддршка. Не знам дали можам да влијаам на навивачите. Да покажеме добри манири. Сигурен сум дека нашите играчи ќе бидат дисциплинирани и ќе покажат почит кон противникот, која не ја добивме во Скопје. Кога се среќаваат екипи од Балканот има тензија, фудбалерите дополнително внимаваат на други работи и опаѓа нивото на игра – се зборовите на Костов.