
Тренерот на Динамо, Чачиќ: Ни доаѓа ера без Аријан Адеми, тој е пример за сите
Овој викенд, поточно во недела од 17.30 часот македонскиот репрезентативец Аријан Адеми за последен пат ќе го носи дресот на Динамо Загреб. Според најавите Адеми ќе ја продолжи кариерата во Кина каде што ќе настапува за Пекинг Гуан.
Препорачано
„Модрите“ немаат триумф во последните три натпревари во најсилниот хрватски шампионат, но се надеваат дека утре против Риека ќе се вратат на победничките патеки и на убав начин се разубави збогувањето со капитенот на Динамо.
– Доаѓаме во ера без Адеми на која ќе мора да се навикнеме. Во недела ќе го одигра својот проштален натпревар, своите најдобри 13 години ги имаше во Динамо и сега му ја исполнуваме желбата кога сè уште е во својот врв, финансиски да си ја обезбеди иднината на семејството. Сака да се збогува со Динамо кога е на врвот и вели дека не би сакал да биде товар на клубот за година-две… Тој е наша легенда, пример за сите негови соиграчи. Секако дека му благодариме за сè. Навистина заслужи во сите сегменти, и од играчка и од човечка страна, да направиме сè во недела за да остане неговиот проштален меч во убав спомен – рече тренерот на Динамо, Анте Чачиќ.
Не е познато дали Адеми ќе игра од првата минута против Риека, според стратегот на хрватскиот шампион нашиот играч имаше некои проблеми, а повеќе ќе се знае по тренингот.
– Јасно е дека ќе ни недостасува, но еднаш мора да дојде крајот. Тој одлучи дека така треба да биде сега, а Динамо ќе му излезе во пресрет поради сè што му даде на клубот. Тој не сакаше да ја пропушти оваа можност, сака да си замине сега кога е во добра форма и сака да го паметиме како таков. Секако дека играчите се навикнати да играат со него, тој им беше поддршка и ќе им недостига. Се надевам дека ќе успееме да го доведеме тимот во рамнотежа што е можно поскоро, но тој сепак останува пример за сите, неговиот пристап, неговата секојдневна работа, односот со соиграчите и тренерите, неговиот пристап кон секој тренинг. И мене лично ми е многу тешко, тој беше млад пред 10 години кога го вратив од Локомотива во Динамо, имам убави спомени, особено во последните години. Сигурен сум дека Адеми ќе се врати во друга улога, вратата на клубот е секогаш отворена за него – вели Чачиќ.