
Треба да се синхронизираме во владејачката коалиција околу Законот за правична застапеност, вели Таравари
Сите партии во владината коалиција треба да се синхронизираме и да произведеме конечен закон за правична застапеност. Мора да најдеме прифатливо решение кое може да се имплементира. Ова е ставот на министерот за здравство и еден од лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари, кажан во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Препорачано
„Ние во нашата програма ’Држава за сите’ на парламентарните избори во 2020 г., еден од законите за кој се залагавме, беше закон за правична застапеност. Правичната застапеност е уставна категорија и кога е уставна категорија не ти треба алатка за имплементација за тоа туку закон. И ние имавме еден закон подготвен од наши експерти во партијата. Сега, во меѓувреме, се консултиравме и со Советот на Европа, меѓутоа и со одредени меѓународни и експерти од државата. Повторно, за законот да биде конечен, треба да се синхронизираме сите партии што сме во владината коалиција“, вели Таравари.
Тој рече дека во работната група за подготовка на законот, освен вицепремиерот Арбен Фетаи, кој доаѓа од партијата на Таравари, (ќе) членуваат и високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои ќе ги „пеглаат“ разликите во законското решение.
„Со тоа што за тој закон ќе излеземе сите како влада, како предлог-закон кој потоа ќе оди во јавна дебата, во парламентот и да се изгласа“,
вели Таравари.
Тој не сакаше да открие каков механизам ќе содржи законот за да се води сметка за правична застапеност бидејќи не е конечен, но вели – тоа ќе биде решение со кое ќе се согласат сите.
Оваа реакција на Таравари доаѓа откако Уставниот суд на 9 октомври годинава го укина т.н. „балансер“, кој се користеше при вработувања во јавната администрација, со цел да има соодветна и правична застапеност на етничките заедници.
Предметот во Уставен суд беше оформен по иницијатива поднесена од претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со образложение дека „балансерот“ се злоупотребуваше при вработувањата по етнички клуч.