Доналд Трамп/ Фото: ЕПА

Трамп: Со испраќање касетна муниција во Украина, Бајден не влече кон Трета светска војна

Доналд Трамп ја осуди одлуката на САД да и испрати касетна муниција на Украина. Овој потег според поранешниот американски претседател може да доведе до Трета светска војна.

„Џо Бајден не треба да не влече кон Трета светска војна со испраќање касетна муниција во Украина, туку треба да се обидува да стави крај на војната и да ја запре ужасната смрт и уништувања предизвикани од неспособна администрација“, рече Трамп.

Неексплодираната касетна муниција како што рече Трамп „ќе убива и осакатува невини украински мажи, жени и деца во децениите што доаѓаат, долго по војната“.

Пентагон најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 800 милиони долари, кој меѓу другото ќе вклучува и касетна муниција.

Касетната бомба е оружје што се распрскува во воздух и испушта повеќе помали „бомби“ на широк простор. Тие можат да се користат во форма на воздушна бомба, артилериска ракета или боева глава за крстаречка ракета. Бомбите се дизајнирани да се активираат при удар со земја и многу е веројатно некој во областа да биде убиен или сериозно повреден.

Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР) во Женева го осуди планот, истакнувајќи дека меѓународната Конвенција за касетна муниција се обиде да го забрани оружјето. САД, Русија и Украина не ја потпишаа конвенцијата.

– Касетната муниција расфрла мали бомби на широк простор, рече Марта Хуртадо, портпаролка на ОХЦХР.

„Тие убиваат и осакатуваат луѓе години подоцна по завршувањето на конфликтот“, нагласи таа.

Инаку и Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се противи на употребата на касетна муниција

Конвенцијата забранува секаква употреба, складирање, производство и пренос на касетна муниција.

Откако САД најави дека ќе испратат касетни бомби во Украина со цел одбрана на нејзината територија рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска излезе со предупредуавње.

„Ако САД ѝ дадат касетна муниција на Украина, Русија ќе биде принудена да користи „слично“ оружје. Нашата армија располага со касетна муниција, но досега се воздржувала од нивна употреба во украинската воена кампања“, рече Шојгу пренесоа западните медиуми.

Инаку украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников ја поздрави одлуката на САД да испратат касетна муниција во земјата.

Во објава на Твитер, Резников рече: „Новото оружје значително ќе ни помогне да ги деокупираме нашите територии, истовремено спасувајќи ги животите на украинските војници“.

Од касетните бомби кои убиваат и по неколку години НАТО не се откажува, велат дека тие се за одбрана на Украина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот