
Трамп повторно се закани, сега ќе воведува царина за целиот увезен мебел?
Американските власти започнаа истрага за увоз на мебел во САД, потврди претседателот Доналд Трамп, поставувајќи ја основата за нови царини за широк спектар на производи.
Препорачано
„Во следните 50 дена, таа истрага ќе биде завршена, а мебелот што доаѓа од други земји во Соединетите Држави ќе биде предмет на царини по стапка што сè уште не е утврдена“, напиша Трамп на својата платформа Трут Соушл.
„Тоа ќе ја врати индустријата за мебел во Северна и Јужна Каролина, Мичиген и сите држави“, рече тој.
По објавата на Трамп, акциите на водечките американски увозници на мебел и домашни производи, потонаа по затворањето на пазарот. Новите царини би можеле да ги зголемат трошоците за многу од големите брендови, но не за сите. Акциите на Ла-З-Бој, која го произведува поголемиот дел од својот мебел во САД, пораснаа по веста за плановите на Трамп за царини, пишува ЦНБЦ, пренесува Пословни дневник. Трамп веќе воведе високи царини за автомобили, челик и алуминиум, а сега разгледува слични царини за бакар, фармацевтски производи и полупроводници.
Сè уште не е јасно дали новите секторски царини за мебел ќе се применуваат покрај постојните царински стапки специфични за земјата. Администрацијата на Трамп со месеци е во билатерални разговори со американските трговски партнери за преобликување на рамнотежата на глобалната трговија. Компании како Вејфер забележуваат пад на побарувачката за нови софи и трпезариски гарнитури повеќе од една година, делумно поттикната од бавниот пазар на домување, бидејќи купувачите чекаат да се намалат каматните стапки.