Трамп ја победи Ники Хејли на внатрепартиските избори во Јужна Каролина

Ники Хејли и Доналд Трамп / Фото EPA-EFE/JUSTIN LANE

Додека ја чека конечната одлука на Врховниот суд за тоа дали воопшто ќе се најде на гласачкото ливче на претседателските избори во САД во ноември 2024 година, Доналд Трамп е чекор поблиску до републиканската претседателска номинација, по убедливата победа над Ники Хејли во Јужна Каролина.

Трамп победи на партиските избори во Јужна Каролина, откако освои 61 отсто од гласовите, а неговата противкандидатка Ники Хејли 39 отсто.

– Никогаш не сум ја видел Републиканската партија толку обединета како што е сега. Само посакувам да направиме избори во партијата побрзо, рече синоќа Трамп.

Ривалката на Трамп, Хејли (52), која беше гувернерка на Јужна Каролина, му честиташе на Трамп и рече дека планира да ја продолжи трката, иако загуби во три други сојузни држави – Невада, Њу Хемпшир и Ајова.

Нејзиниот предизборен тим соопшти дека планираат да потрошат повеќе од еден милион долари за реклами во 15 држави кои гласаат на 5 март, познат и како „супер вторник“, јави „Вашингтон пост“.

Нејзиниот тим планира денеска и утре да го посети Мичиген, по што ќе следат посети на најмалку шест други држави кои гласаат на 5 март.

– Мојата желба за номинација е поттикната од фактот што имате мнозинство Американци кои велат дека не ги сакаат ниту Трамп ниту Џозеф Бајден за претседател. Сè додека имате мнозинство Американци кои велат „ве молиме дајте ни шанса“, јас ќе продолжам да се борам, рече Хејли.

Сепак, изборниот штаб на Трамп ги отфрли континуираните напори на Хејли да остане во трката за номинација, велејќи дека „нејзината заблуда го поматува нејзиното расудување и оти таа не живее во реалниот свет“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот