Трамп и Стармер потпишаа договор за технолошки просперитет/Фото: Victoria Jones/Shutterstock / Avalon / Profimedia

Трамп и Стармер потпишаа историски договор вреден милијарди долари

Договор за технолошка соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство, фокусиран на вештачката интелигенција, потпишаа Доналд Трамп и Кир Стармер за време на нивниот состанок денеска попладне во Чекерс, заедно со лидерите на технолошките компании.

Во своите изјави, Трамп ја опиша економијата на неговата земја како „веројатно најсилна што некогаш била“, додавајќи дека сите компании сакаат да бидат таму. Покрај тоа, тој нагласи дека „скапоценото пријателство“ на Соединетите Американски Држави со Обединетото Кралство станува сè посилно и му се заблагодари на Стармер за неговата напорна работа на нивниот нов, историски договор, велејќи дека е „чест“ да се биде дел од него.

„Врските меѓу нашите земји се непроценливи, овој однос е „прекрасно наследство“ и двете влади „ги прават овие врски поблиски од кога било“, рече американскиот претседател на друг момент.

Продолжувајќи ги своите изјави, Трамп рече дека пред една година САД биле во „сериозни проблеми“, додека во разговор – како што коментираше – кралот на Саудиска Арабија му рекол: „Вашата земја беше мртва пред една година, а сега ја имате најжешката земја во целиот свет“.

Според американскиот претседател, повеќе од 17 трилиони долари се инвестирани во САД оваа година.

„Собравме трилиони долари во царини и тоа беше неверојатно за нашата земја“, рече тој, додавајќи дека тоа ги одржува американските компании „среќни, стабилни и здрави“. „Никогаш не сме виделе такви инвестиции, без царините ќе имавме само мал дел од нив“, продолжи тој.

Осврнувајќи се на договорот потпишан од двајцата лидери, тој нагласи дека ќе промовира низа други договори во приватниот сектор.

Како што рече, американската компанија X-energy и британската компанија Centrica – сопственик на British Gas – напредуваат со договор за инсталирање нуклеарни реактори низ целото Обединето Кралство. За ова се „зборува“ со години, вели Трамп, но сега „конечно“ станува реалност.

Стармер: Историски договор

Од своја страна, Кир Стармер нагласи дека Велика Британија и САД се лидери во области како што се технологијата, финансиите, одбраната и енергетиката.

„Само погледнете што постигнуваме заедно денес “, рече тој, додавајќи: „Денешниот договор, со милијарди што течат од двете страни на Атлантикот“, е „најголем од ваков вид во британската историја со голема разлика“.

Според Стармер, договорот се претвора во инвестиции што го менуваат животот во Велика Британија, а кои ќе ја подобрат економската состојба на илјадници работници. „Ова ја покажува моќта на ова партнерство“.

Според британскиот премиер, САД се „најголемиот трговски партнер“ на Велика Британија, додека „заедно поддржуваме над 2,5 милиони работни места во обете економии“.

„Со нас е големото и доброто на британскиот и американскиот бизнис“, продолжува тој, обраќајќи се пред публиката составена од бизнис лидери.

Стармер за царините

Во својот говор, Кир Стармер се осврна и на договорот постигнат претходно оваа година меѓу САД и Велика Британија за царините, поздравувајќи го како симбол на блиските билатерални односи.

Двете земји побрзаа да преговараат речиси веднаш по најавите на Трамп за воведување дополнителни царини за американските трговски партнери, а Велика Британија беше првата што обезбеди договор за нивно намалување, што беше објавено на 8 мај.

Особено, Стармер обезбеди намалување на царините за автомобили од 27,5% на 10%, што, според него, ги спасило работните места на британските работници во компании како што е „Јагуар-Ленд Ровер“.

Денес, британскиот премиер го поздрави исходот од преговорите како „победа за двете страни“, додека Трамп рече дека Велика Британија и САД имаат „нескршлива врска“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот