
Тракторот не е за секого, во вторник има најмногу повреди – ланскиот јануари бил фатален за македонските работници
Како се зголемува возраста кај работниците, така се губи и нивната концентрација, па оттука и најголемиот дел несреќи им се случуваат на лица на возраст помеѓу 55-64 години – 21, посочуваат од Здруженито за заштита при работа
Ланскиот јануари бил најнесреќен за македонските работници, бидејќи тогаш се случиле дури 28 повреди на работното место, а во четири случаи биле со смртни последици. Извештајот на македонското Здружение за заштита при работа не ги посочува причините поради кои се случиле овие несреќи, но може да се шпекулира дека во игра се студот и долгите празници во овој месец, па работниците се олабавиле повеќе од потребното?!
Препорачано
Експертите од ова Здружение, сепак потенцираат дека несреќите за кои во 2023 година во летните месеци биле со мала стапка, во 2024 година се во пораст, додека во другите месеци бројката е прилично изедначена. Во целина лани имало дури 133 повреди на работното место, а најголем број смртни случаи имало во вторник 5. Вториот работен ден – вторник, предничи и по бројот на повредите – дури 33, додека во другите денови од неделата бројката се движи понеѓу 11 и 21 повредени.
Според анализите на МЗЗПР, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 2,45 односно на секои 100.000 вработени, 2 до 3 вработени гинат на работното место во 2024 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пораст споредбено со претходната 2023 година, кога изнесувала 2,16. Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2024 година изнесува 16,76, односно на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 16 до 17 вработени. Споредбено со 2023 година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 13,42, стапката на повреди за 2024 е во пораст.
-Во 2024 година најмногу несреќи се случиле во Јавната управа и одбраната 26, Преработувачката индустрија 25 и Градежништвото 22. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во градежништвото, транспортот и складирањето по 4, а не се малку и несреќите при вршење на земјоделските работи – при управувањето со трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај – пишува во Извештајот.
Како се зголемува возраста кај работниците, така се губи и нивната концентрација, па оттука и најголемиот дел несреќи им се случуваат на лица на возраст помеѓу 55-64 години – 21.
-Најголем број на несреќи со фатален исход – 4 има во категорија од возраст од 35-44 и 55-64 години. Но и во другите возрасни категории од 18 до 64 се забележуваме дека таа бројка е прилично изедначена, односно несреќите се случуваат и на искусните работници како и на помладите и понеискусни. Мора да се истакне дека за голем број на несреќи немаме податоци за возраста – конкретизираат експертите.
Според експертите жените се повнимателни од мажите, но мажите работат на потешки позиции и полесно се повредуваат.
– Во согласност со нашите податоци и оваа година поголемиот број на повреди и смртни случаи спаѓаат во категоријата мажи. Од вкупно 133 несреќи, 8 од нив спаѓаат во категоријата жени, што е повеќе од минатата година кога беа забележани 6 повреди во категоријата жени – нотираат од МЗЗПР.