
Трагедија во Калифорнија: Пациентка починала во болница, на семејството му кажале дека си заминала дома
Семејството ја барало 31-годишната Џеси Питерсон една година, пред да дознаат дека болницата во која таа се лекувала го испратила нејзиното тело во мртовечница, објави „Гардијан“.
Препорачано
Семејството ја барало младата Џеси, откако од болницата им кажале дека таа побарала „отпуст од лекување на своја одговорност“ од болницата во Калифорнија. Но таа била почината во текот на целата година!
Џеси починала во „Мерси Сан Хуан“, медицинскиот центар во Сакраменто во април 2023. Болницата го испратила нејзиното тело во мртовечница без да ги информира мајката на пациентката и нејзините сестри. После долги месеци барање, семејството дознало дека таа починала. Ова произлегува од граѓанската тужба против болницата што ја отпочна семејството. Семејството во тужбата го опишува однесувањето на болницата како „малициозно и невидено“, обвинувајќи го медицинскиот центар за негрижа, невнимателно справување со починато тело, како и предизвикување емотивен стрес.
„Болницата Мерси Сан Хуан, падна на најфундаменталниот тест, да го извести семејството на Џеси за нејзината смрт. Болницата го чувала телото во мртовечница каде што тоа се распаѓало речиси една година додека нејзиното семејство неуспешно ја барало“, пишува во тужбата.
Питерсон била мила девојка, полна со енергија, која имала дијабетес тип 1. Затоа била хоспитализирана во болницата „Мерси Сан Хуан“ во Калифорнија на 6 април 2023 година. Нејзината мајка Џинџер Конги, вели дека нејзината ќерка ѝ се јавила 2 дена по хоспитализацијата прашувајќи ја дали може да ја земе, затоа што ќе си замине од болницата.
Потоа на мајката ѝ било кажано дека Питерсон ја напуштила болницата спротивно на советите од лекарите и дека нејзината медицинска историја покажува дека била отпуштена од болницата на 8 април. По нејзиното ненадејно исчезнување, семејството поминало месеци во кои беспоштедно ја барале, делеле летоци, разговарале со луѓе од околината на болницата и пријавувале во полиција.
На 12 април 2024 г., после една година, инспектори од полициската станица во Сакраменто го информирале семејството дека таа е пронајдена мртва. На умреницата пишувало дека причина за смртта е кардиопулмонарен арест. Телото било толку разградено, што не можело да се земат отпечатоци од прстите ниту пак да се одржи погреб со отворен ковчег. Обдукцијата не можела да утврди дали имало несовесно лекување на девојката.
Семејството бара 5 милиони долари отштета.
Го изразуваме нашето најдлабоко жалење за семејството во овие тешки моменти. Понатаму не можеме да коментираме, поради судскиот процес, изјавила Дигнити Хелт, директорката на болницата „Мерси Сан Хуан“.