
Тошковски: Корупција има и во редовите на МВР
На научната конференција во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, покрај министерот Панче Тошковски зборуваше и директорот на Управата за санкции, Александар Пандов, кој нагласи дека и во затворите има системска корупција бидејќи многу затвореници, вклучително и оние во притвор, лесно доаѓаат до мобилни телефони преку воспоставени канали.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека Министерството за внатрешни работи (МВР) работи интензивно на откривање коруптивни случаи, при што во изминатата година биле откриени голем број такви примери, додавајќи дека корупција има и во редовите на самото Министерство.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тој нагласи дека иако се забележува намалување на корупцијата, потребна е уште посилна борба против оваа појава што навлегува и во безбедносниот систем, додавајќи дека случаи се регистрирани и во самото МВР.
— Од сите оние постапки што ги превземаме особено, еве ќе го земам за пример Одделот за внатрешна контрола, огромен број на случаи, огромен број на процесни дејствија се преземени од страна на Одделот за внатрешна контрола во изминатава година – година и пол и гледаме резултат од тоа, гледаме резултат во насока на процесуирање на сите оние постапки во рамки на МВР, соодветно санкционирање на оние кои што, нечесно, непрофесионално, недостоинствено и коруптивно се однесуваат во рамки на внатрешни редови на Министерството — изјави Тошковски на научната конференција „Системска корупција – најголема безбедносна закана“.
Директорот на Управата за санкции, Александар Пандов, посочи дека и состојбата во затворите укажува на системска корупција бидејќи голем дел од затворениците, вклучително и притворени лица, бргу доаѓаат до мобилни телефони преку добро воспоставени канали.
— За жал, во одреден број на затвори онаа борба која што е најочигледна, колку мобилни има, во одредени затвори, за жал, бројките се поразителни за мене. Можам да посочам одреден број затвори каде што, со кого сакате да викнеме да ги направат претресите, јас ве уверувам дека нема да најдеме ниеден или еден – два телефони сега и точно е дека во одредени затвори нема телефон само оној којшто не сака да има — изјави Пандов.
На конференцијата зборуваа и ректорот на Универзитетот „Климент Охридски“, проф. Игор Неделковски, и ректорот на Битолскиот универзитет, проф. Јонче Ивановски, кои предупредија дека наместо владеење на правото, доминираат интересите на поединци што ги кршат правата на граѓаните, додека корупцијата во институциите го парализира целиот систем.