
Топлотниот бран ги замори граѓаните, но и разладните уреди – Климатизерите вртат нонстоп, не се гаснат и во текот на ноќта
Очигледно е дека граѓаните можеле да се справат со жештината само со вклучена клима, па така во најтоплиот ден досега (1 јули) биле потрошени 6.215 мегават-часови или 1.000 киловати над просекот на овој период
Топлотниот бран во земјава не престанува, ноќните температури се исто така невообичаено високи, па многу домаќинства што имаат уреди за ладење се принудени да не ги исклучуваат дури ни во текот на ноќта. Сето ова го оптоварува електроенергетскиот систем, кој во последните денови бележи зголемување на потрошувачката на струја. Сепак, од ЕВН Македонија за „Слободен печат“ велат дека не очекуваат проблеми во напојувањето.
Препорачано
Инаку и во јуни, кој имаше високи температурни екстреми, но и во првата недела од јули, најмногу струја се потрошила во Скопскиот Регион, кој за овој период има вкупна потрошувачка од 35.713 мегават-часови или во просек 5.952 мегават-часови. Очигледно дека граѓаните можеле да се справат со жештината само со вклучена клима, па така во најтоплиот ден досега (1јули) биле потрошени 6.215 мегават-часови или 1.000 киловати над просекот на овој период.
– Системот е димензиониран за да може нормално да функционира и во услови на зголемени оптоварувања. Како за споредба, во јануари 2025, просечната дневна потрошувачка е 24.082 мегават-часови, а најголемата е регистрирана 21 јануари годинава и изнесувала 26.421 мегават-часови – објаснуваат од ЕВН.
Иако граѓаните се жалеа дека овој јуни е прежежок, сепак ланскиот имал повеќе денови со температури над 40°Ц, па затоа годинава во шестиот месец имало нешто помала потрошувачка на струја, детализираат од ЕВН. Инаку, најголема потрошувачка е регистрирана на 26 јуни – 15.424 мегават-часови, кој бил и еден од најтоплите денови овој период, со минимални 21°Ц и максимални 41°Ц, а се измерени на скопскиот аеродром.
Што се однесува до првата недела од јули, односно до 6 јули, потрошени 89.395 мегават-часови енергија.
– Најголема потрошувачка е регистрирана на 1 јули и изнесува 15.117 мегават-часови, кој е и еден од најтоплите денови овој период, со минимални 19°C и максимални 38°C, а се измерени на скопскиот аеродром. Минатата година вкупната потрошувачката на електрична енергија од 1 до 6 јули изнесувала 79.990 мегават-часови. Просечната дневна потрошувачка за тој период е 13.331 мегават-часови. Разликата се јавува поради разликата на температурите, а годинава во првата недела од јули имаме значително повисоки температури – информираат од ЕВН.
Идеална температура за клима-уредите е меѓу 24 и 26 степени
Кога летото ја покажува својата екстремна страна, со температури над 35 степени, клима-уредите во становите и во канцелариите стануваат неопходни. Но, додека сите сме во искушение да ја приспособиме температурата на дваесет степени и речиси да го претвориме нашиот дом во „фрижидер“ за да можеме да дишеме, експертите предупредуваат дека ова не е ниту енергетски ефикасно, ниту добро за климатизација. Наместо тоа, велат тие, треба да размислиме за оптималната рамнотежа помеѓу удобноста и ефикасноста, што исто така помага да се заштеди на сметката за електрична енергија. Според Министерството за енергетика на САД, идеалната температура на клима-уредот за време на екстремна топлина е помеѓу 24 и 26 степени Целзиусови, што е значително повисоко од она на што многумина инстинктивно се приспособуваат, објави порталот Директно. Редовното одржување на клима-уредот, вклучително и замена на филтерот и годишно сервисирање, е од суштинско значење за неговата ефикасност и долготрајност. Исто така е важно да се спуштат ролетните и завесите во текот на денот, особено на сончевата страна од станот, бидејќи студиите покажуваат дека дури 40 проценти од несаканата топлина доаѓа низ прозорците.